КатегорииКатегорија навигацијаГлавна содржина

Негата на кожа објаснета од дерматолози!

dm-drogeriemarkt

dm дрогерие маркт

Време за читање 8 Мин.

1/3/2024

Д-р Александра Лазаревска е Специјалист по дерматовенерологија со долгогодишно работно искуство.

Кожата е нашиот најголем орган и има бројни улоги во заштитата од околината. Но, како треба правилно да ја негуваме? Ние ви откриваме тука.

Кожата е нашиот најголем орган и има бројни улоги во нашата заштита од околината. Не помала е нејзината улога да нѐ презентира (претстави) и да го истакне тоа што го носиме. Таа зафаќа околу 2м2 и постои слоган кој вели: „Кожа - тоа се нашите најважни м2 за кои треба да се грижиме“.

За да се започне со нега на кожата треба најпрво да се одреди типот на кожата: нормална, сува, масна, комбинирана, осетлива и кожа склона кон создавање на акни.

Потоа се пристапува кон три едноставни чекори за нега на кожата:

Чистење на кожата

За овој чекор најважно од сѐ е да се направи правилен избор на препаратот за чистење. Не смее да се користи алкохол, препарати со алкохол или агресивни сапуни со цел да се обезмасти кожата, бидејќи колку што не е добро да не се чисти редовно лицето, исто толку не е добро да се претера со агресивни препарати. Ова може да доведе до нарушување на хидро-липидниот слој кој ja штити кожата од штетни влијанија.

Редовното чистење на лицето, што треба да прерасне во еден вид на рутина е најважно! Изборот на соодветен препарат зависи од типот на кожата и од здравствените состојби кои ја засегаат (акни, розацеа, атопичен дерматит и др). Препаратот може да биде:

  • мицеларна вода
  • синдет креми за миење
  • нежни гелови или пени

Понекогаш на изборот влијае и субјективното чувство по миењето. Наутро е доволно да се измие лицето со вода или мицеларна вода, а навечер важно e двојно чистење, да се отстрани шминката и нечистотиите со препарати на база на масло, а потоа со препарати на водена основа. Притоа да не се користи многу топла вода бидејќи така се отстрануваат природните маснотии од хидро-липидниот слој на кожата. Со тоа, кожата е ослободена од надворешните нечистотии и од изумрените клетки.

Со редовна нега на кожата на телото таа станува еластична и витална, но исто така се постигнува чувство на релаксација, внатрешен мир, а и самодоверба, со што негата на телото има важна улога и во севкупното здравје.

Фактори кои делуваат штетно на кожата може да бидат надворешни и внатрешни. Надворешни се ветер, студ, УВ зрачење, прашина и други нечистотии и разни хемиски супстанци од одредени козметички препарати. Внатрешни се: стрес, разни емотивни состојби, несоница и медикаменти. Истото правило важи и за чистење на кожата на телото со употреба на неагресивни состојки. Најчесто се тоа масла за туширање, синдет пени и гелови. Тие секако треба да одговараат на типот на кожата.

Хидратација

Наутро по чистење на лицето се нанесува тоник кој ја балансира и подготвува кожата за прием на следните препарати: серуми и креми. Тоникот ја хидрира кожата,  ја нормализира pH вредноста и ги намалува порите. Со тоа се подобрува визуелно тенот.

Следува хидратантен крем. Изборот секогаш зависи од типот на кожата, возраста  и од годишното време. Во лето се користат лесни хидратантни креми и емулзии, а во зима креми богати со билни масла. Повеќето креми содржат SPF, но во секој случај фотопротекцијата треба да е застапена 365 дена.

Навечер по отстранување на шминката секогаш се измива лицето, по што следува тоник и ноќен крем. Тој треба да е хидратантен и хранлив. За очните капаци потребно е да се нанесе посебен крем за пределот околу очите.

Доколку сакаме и екстра порција нега препорачуваме и нанесување на серум богат со антиоксиданси.

Посакувано е да се направи пилинг 1-2 пати неделно и кожата ќе добие уште посвеж сјај. Исто така еднаш неделно може да се користи маска зависно од типот на кожата и возраста.

Кожата на телото по туширањето треба да се хидрира со креми, лосиони или балсами богати со есенцијални масла, пробиотици и витамини (Б6, Е)

Фотопротекција

Одговорно однесување на сонце подразбира избегнување на изложување на сонце од 10-16 ч. Кога сме изложени на сонце во другите временски периоди препорачуваме носење соодветна облека, шешири, наочари и користење на SPF препарати.

За ориентација дали да се излезе на сонце и како да се однесуваме помага UV индексот. Тој претставува компјутерски измерен параметар кој ја покажува јачината на UV зрачење во одреден период од денот на одредено место. Се мери од 1-11+, колку е поголем поголема е опасноста од штетното дејство на UV зрачење.

UVA зраците се константни во текот на целата година. Тие имаат поголема бранова должина и навлегуваат во подлабоките слоеви на кожата. Поминуваат низ стакло, вода и облаци. Јачината на UVB зраци зависи од годишната доба и од периодот во денот. Најинтензивни се во летен период и на пладне во тек на денот.  Минуваат низ вода. Тие имаат токсичен ефект на површните клетки од кожата. Доведуваат и до оштетување на ДНК на клетките и со тоа се директно одговорни за настанување на карциноми на кожа. Исто така,  со оштетувањето на кожата доведуваат и до предвремено стареење на кожата, појава на дамки, кератози и соларна еластоза.

SPF препаратите може да бидат хемиски или во поново време се нарекуваат органски и минерални или аноргански. Хемиските ги апсорбираат фотоните на UV зраците, а потоа ги претвораат во топлинска енергија која се оддава. Истите даваат добра заштита од UVB зраци, но заштитата од UVA не е потполна. Анорганските прават физичка бариера, всушност ја препокриваат кожата која потоа ги рефлектира зраците. Многу е важно SPF препаратите да имаат ознака дека даваат заштита и од UVA и  од UVB зраци. Односот за заштита UVA/UVB треба да е 1/3.

SPF е всушност мерка која означува колку долго може да се остане на сонце без опасност да настане изгореница. На пример SPF 30 овозможува 300 минути изложување на сонце.

Изборот на соодветен SPF препарат зависи од неколку фактори: типот на кожата, возраст, за кој дел од телото е наменет, каков е UV индексот и на која географска положба се наоѓаме. Согласно класификација од светски познатиот автор Fitz Patrick, постојат 6 типови на кожа. Првите 4 припаѓаат на белата раса, а во Македонија најзастапени се тип 2 и тип 3.

Тип I:

Црвенкасто-руса коса, светли очи, многу светол тен и сончеви пеѓи, секогаш гори на сонце и не потемнува.
Времето на сопствена заштита е помеѓу 3 и 10 минути.

Тип II:

Руса коса, светли очи, светол тен, чести сончеви пеѓи, речиси секогаш гори на сонце и слабо потемнува.
Времето на сопствена заштита е помеѓу 10 и 20 минути.

Тип III:

Темноруса кон кафена коса, среден тен, светли или темни очи, ретко гори и добро потемнува.
Времето на сопствена заштита е помеѓу 20 и 30 минути.

Тип IV:

Темнокафена или црна коса, темен тен, темни очи, речиси никогаш не гори и секогаш потемнува.
Времето на сопствена заштита е околу 45 минути.

Препаратот со SPF се нанесува 20 минути пред изложување на сонце. Треба да се реаплицира на секои 2-3 часа. Просечно за една личност е потребно 30 мл за едно нанесување на цело тело. Водоотпорните SPF овозможуваат заштита од 40-80 минути при капење.

SPF избор за лице секогаш е 50, а истото важи за чувствителната кожа за тело.

По форма може да бидат: креми, лосиони, млека, аеросоли или спреј, гел и стик. За сува кожа препорака е да се користи крем, за масна и комбинирана гел -крем, додека за усни- балсам.

Многу од козметичките препарати содржат заштитен фактор што го олеснува безусловното спроведување на најважната препорака за фотопротекција преку целата година-365 дена  и одржување на младиот и здрав изглед на кожата.