КатегорииКатегорија навигацијаГлавна содржина

Нега на кожата со Алое Вера 

Алое Вера е позната по својата примена во негата на кожа и се смета дека ѝ подарува убавина. Зошто растителниот екстракт се нарекува „бустер“ за кожа, како може да помогне против стареење на кожата и кои состојки ги содржи ова пустинско цвеќе, ќе дознаете тука.

dm дрогерие маркт

Време за читање 6 Мин.

5/12/2026

Што е Алое Вера?

Алое Вера е лековита билка која со векови се користи во медицината и козметиката. Таа расте како сукулент во региони со жештина и суша, како што е Медитеранот. Нејзините дебели листови содржат гел составен од вода и вредни состојки. Уште старите Египќани го користеле алоето за нега на кожа, за лекување повреди и за смирување на изгореници од сонце. За нив, Алое Вера била „растение на бесмртноста“, на кое дури и Клеопатра се потпирала во својата нега на убавината. Сукулентот, инаку пустинско цвеќе, преживува со многу малку вода, бидејќи секоја капка ја складира во своите дебели листови. Тие се исклучително цврсти и бодликави за да ги заштитат своите драгоцени состојки. За да се стигне до внатрешноста на листот – алое вера гелот – потребно е да се отсече лист и да се отвори по должина. Потоа гелот може внимателно да се извади со лажица.

Алое Вера – гел: Состојки

Алое Вера може да делува антибактериски, антивирусно и антимикотично. Гелот содржи повеќе од 200 различни состојки, меѓу кои витамини, ензими и минерали. Најважната активна состојка е шеќерната молекула ацеманан. Таа ја зајакнува клеточната мембрана и ја прави поотпорна на бактерии и вируси.

Витамини

Алое Вера содржи витамини А, Ц и Е, Б-витамини 1, 2, 3, 6 и 12, како и фолна киселина. Витамините А, Ц и Е ја поттикнуваат обновата на клетките. Така алоето ѝ обезбедува на кожата важни хранливи материи и ја поддржува во регенерацијата. Дополнително, витамините делуваат антиоксидативно.

Ензими

Оваа бодликава билка содржи осум ензими, меѓу кои брадикиназа, фосфатази и амилаза. Тие ја балансираат кожата и делуваат противвоспалително. Благодарение на ензимот брадикиназа, алоето може да помогне во намалување на воспаленија како црвенило и оток. Другите ензими се корисни за варењето, бидејќи го поддржуваат разградувањето на шеќери и масти во телото.

Минерали

Алое Вера содржи и докажани витални материи како калциум, железо, калиум и цинк. Тие се важни за ензимскиот и клеточниот метаболизам и можат да ги поддржат механизмите за поправка на кожата. Минералите и микроелементите се неопходни за функционирањето на ензимите и витамините.

Алое Вера: Бустер за кожата

Особено кај сувата кожа, Алое Вера во форма на креми, лосиони за тело и гелови за разладување, може да постигне одличен ефект: нејзините состојки позитивно влијаат на регенерацијата на клетките и на производството на колаген. Производите за нега со Алое Вера ја освежуваат кожата и ја прават мека и еластична. Дополнително, подолготрајната употреба на козметика со оваа состојка, ја прави кожата да изгледа помлада и посвежа.

Алое Вера при изгореници од сонце

Нејзините разладувачки и хидратантни својства ја прават оваа билка идеална за прва помош при сончеви изгореници. По малку претерано сончање, Алое Вера ја снабдува кожата со многу влага и делува противвоспалително и регенеративно. Така кожата брзо се смирува и обновува. After-Sun гел може да се користи како маска за лице: едноставно нанесете тенок слој и оставете да делува околу десет минути.

Алое Вера против стареење на кожата

Кој редовно ја негува кожата на лицето, ја снабдува со доволна хидратација и ја штити од сончева светлина, има најдобри шанси „убаво да остари“. Многуте антиоксидативни витални материи и ензими на Алое Вера можат да помогнат: тие делуваат против таканаречените слободни радикали и така придонесуваат за заштита на клетките. Производите со Алое Вера не предизвикуваат внимание само во негата на лице: лосиони за тело и креми со Алое Цера гел можат да ја поттикнат циркулацијата во сврзното ткиво. Дополнително, на Алое Вера ѝ се припишува регенеративно и еластично дејство – важен аспект при превенција на целулит или едноставно за кожата на нозете, задникот и колковите да изгледа затегната и мазна.

Називи на Алое Верa

Кај состојките ќе ја најдете Алое Вера под називите Aloe Barbadensis Leaf Juice и Aloe Barbadensis (Aloe) Leaf Juice Powder:

  • Aloe Barbadensis Leaf Juice е ладно цеден Алое Вера гел, при чија екстракција се губат материи како алоин. Сепак, останатите вредни хранливи состојки од гелот се задржуваат.
  • Aloe Barbadensis (Aloe) Leaf Juice Powder, познат и како Aloe Barbadensis Leaf Extract, се добива од правот на гелот и се збогатува со вода. Вообичаено содржи помалку од 10 проценти од првичните состојки. При преработка во прав, важната активна состојка ацеманан (аловероза) речиси целосно исчезнува.

Важно: Најголемиот козметички ефект на Алое Вера му се припишува на чистиот, непреработен гел од листовите.

Beauty совети со Алое Вера

  • DIY масло за нега: Ако имате Алое Вера растение на прозорецот, отсечете лист и извадете го гелот. Измешајте го гелот со вашето омилено масло за тело, и добивате прекрасно масло за нега на кожа.
  • Маска за лице со пилинг ефект: Измешајте Алое Вера гел, масло од јојоба, малку куркума во прав (против нечиста кожа) и брашно од наут за пилинг ефект. Нанесете рамномерно на лицето и оставете да делува неколку минути. Потоа внимателно избришете со крпа. Маската не ја мијте со вода, за хранливите состојки да останат на кожата.
  • Хидратантен гел за бричење: Нанесете го гелот од листовите директно пред бричење. На овој начин спречувате иритации и појава на црвенило или мозолчиња од бричење.
  • Уморни очи: Ставете гел на памучни туфери и поставете ги на уморни очи – прекрасно освежува и разладува!
  • Гел за трепки и веѓи: Измешајте Алое Вера гел со неколку капки рицинусово масло, нанесете и оставете да делува преку ноќ.