Сестраноста на мајчино млеко
Положби за доење, отеченост на градите - Зошто доењето вреди и покрај некои препреки - Еве што треба да знаете!
Мајчино млеко: од колострум до зрело млеко
Уште за време на бременоста се создава првото млеко, колострумот, кој е особено важен за новороденчето поради неговиот состав. Преодното млеко се произведува пред да се создаде зрелото млеко. Во продолжение ќе ги разгледаме различните фази на составот на мајчиното млеко.
Колострум
Ова прво млеко често го нарекуваат и „течно злато“, токму затоа што оваа жолтеникаво-кремаста течност е особено богата со хранливи материи и е лесно сварлива, а на бебето му обезбедува се што му е потребно по раѓањето. Колострумот содржи:
голем број на имунолошки супстанции кои ја зајакнуваат одбраната на бебето
многу протеини
антитела за доенчето
минерали, масти и витамини кои се особено важни во првите денови
заштитна функција за дигестивниот тракт на бебето бидејќи слузокожата на желудникот и цревата ги прекрива со заштитен слој.
Составот на мајчиното млеко почнува да се менува од осумнаесет до 36 часа по раѓањето.
Преодно млеко
Мајчиното млеко постојано се менува за време на доењето. Сепак, најмногу се менува во преодната фаза. Мајчиното млеко содржи многу биоактивни состојки како што се клетки, хормони и корисни бактерии. Промената на составот на овие состојки во млекото е координирана со потребите на бебето и континуирано се прилагодува на тоа. Количината на млеко во преодното млеко исто така се зголемува за да го поддржи растот на бебето. Со таканареченото нагло полнење на градите, за само 24 часа се произведуваат околу 600 до 700 мл млеко. Вашето тело сега учи колку млеко му треба на вашето бебе и според тоа постојано ја прилагодува количината. Токму во тој период може да дојде до надуеност на градите - на пример, ако бебето престане да јаде или заспие без да ги испразни градите.
СОВЕТ: Ако градата е надуена, оставете го бебето да пие повеќе од таа града и променете ја положбата на доењето за да се ослободите од надуеноста на дојката. За таа цел, насочете ја брадата на бебето кон тврдата града.
Исто така: Не се прилагодува само количината на преодното млеко, туку и количината на протеини и заштита во вид на ензими и антитела, како и концентрацијата на цинк, бакар и манган, кои го зајакнуваат имунолошкиот систем на бебето.
Зрело млеко
По околу еден месец од доењето, мајчиното млеко е целосно зрело. Составот на млекото сега е прецизно прилагоден на потребите на вашето бебе и не се менува многу во следните неколку месеци па дури ѝ година.
СОВЕТ: Особено во преодната фаза, но и во првите неколку месеци од доењето, од градите често знае да протекува. Перничиња за доење (перничињата за доење што се перат или перничиња за доење за еднократна употреба) се погодни за апсорпција на вишокот млеко. За време на доењето, треба да пиете што повеќе вода или чај, на пример билен чај или чај за доилки.
Придобивките од мајчиното млеко
Мајчиното млеко е богато со хранливи материи и секогаш се прилагодува на потребите на вашето бебе.
Па така мајчиното млеко содржи два вида протеини: казеин и сурутка. Казеинот има антимикробни својства и станува цврст кога е во контакт со желудочната киселина, со што му помага на бебето подолго време да се чувствува сито. Од друга страна, сурутката останува течна, што ја прави лесно сварлива и содржи антитела. Цревата на бебето стануваат поотпорни со текот на времето, така што односот на сурутка и казеин се прилагодува: од околу 90:10 во колострумот, до 60:40 по околу четири недели, до 50:50 по околу една година доење.
Амино киселини во мајчиното млеко
Мајчиното млеко ги обезбедува и аминокиселините кои им се потребни на доенчињата за развој и нормално функционирање на мозокот, очите и другите органи.
Ензимите и антителата редовно се прилагодуваат, како и концентрациите на одредени минерали, витамини и масти.
Мајчиното млеко се прилагодува на бебето
Ако вашето бебе е болно, производството на антитела е во полн замав. Ако бебето има дијареа или повраќа, одредени минерали и заштитни ензими се произведуваат во зголемени количини, кои ги враќаат нивоата на минералите кај бебето во рамнотежа. Во исто време, млекото го одржува бебето хидрирано (на пример, тоа се случува и во лето кога надворешните температури се високи). Мајчиното млеко секогаш го содржи токму составот што му е потребен на вашето бебе за да се бори против инфекциите, додека истовремено го поттикнува и неговиот раст и развој.
Факти – краток преглед:
Мајчиното млеко го развива дигестивниот и имунолошкиот систем на бебето
и содржи многу видови живи клетки, вклучувајќи дури и матичните клетки, кои можат да се развијат во различни типови на клетки.
Мајчиното млеко помага во борбата против инфекцијата така што создава повеќе антитела и бели крвни зрнца.
Доењето го намалува ризикот за вас и вашето дете од развој на дијабетес тип 1 и 2 и
тоа може да го подобри здравјето на вашето дете на долг рок.
Доењето ослободува окситоцин, кој не само што создава чувства на љубов, смиреност и благосостојба, туку и ја намалува чувствителноста на болка, поттикнува заздравување, го намалува стресот и го намалува крвниот притисок кај мајките и доенчињата. Штом ќе почнете да доите, во мозокот на вашето бебе се ослободува окситоцин секогаш кога ќе го слушне вашиот глас или ќе ве помириса...
Доењето го поттикнува закрепнувањето на мајката по породувањето и ѝ помага на матката повторно да се собере.
Доените бебиња имаат помалку столици: Мајчиното млеко е идеална храна, односно има помалку „отпад“. Покрај тоа, столицата останува релативно мека, односно констипација се јавува поретко.
Доењето може да ви помогне да изгубите тежина: телото согорува околу 500 дополнителни калории со доење, што е речиси исто како да сте истрчале осум километри.
Доењето може значително да го намали ризикот од развој на рак на гради или јајници.
Неколку капки мајчино млеко на кожата на бебето може да имаат антиинфламаторно дејство.
Иако оваа листа на позитивни факти е импресивна, има уште многу што може да се додадат. Истражувачите постојано откриваат нови и фасцинантни својства во врска со доењето и мајчиното млеко. Секој што ќе одлучи да дои може во секое време да побара совет за доење. Истото важи и за желбата да се прекине доењето.
НАПОМЕНА: Позитивните својства на мајчиното млеко никогаш не се намалуваат - дури и ако доите две или повеќе години.
На овој начин може да го олесните доењето
Се чини дека природата добро се погрижила за сè, но сепак на почетокот може да биде доста заморно, стресно, па дури и болно. Особено во првите неколку недели, мајката и бебето се запознаваат, односно доењето мора да го научат и двете страни. Еве неколку совети за почеток:
Обидете се со различни позиции за доење. Без разлика дали лежите, седите или стоите, постојат голем број на пози и варијации. Правилната положба на главата на бебето како и насочувањето на устата, носот и брадата се важни за удобно доење.
На почетокот, користењето на штитник за брадавиците може да помогне. Можат да се користат за воспалени брадавици за бебето да не цица директно на брадавицата туку преку штитникот за брадавици.
Користете перница за доење за целосна потпора и удобност. Внимавајте на вашата положба и држење додека доите за да спречите болка во вратот и рамото.
Градникот за доење, како и облека за доење го олесенуваат пристапот за доење и се удобни.
За да се одморите, препорачуваме да купите пумпа за дојки. Мајчиното млеко може да се чува во кеси за мајчино млеко или во садови за складирање до три дена во фрижидер и до шест месеци во замрзнувач.