КатегорииКатегорија навигацијаГлавна содржина

Како да го направите опуштено возењето во автомобил со деца

Долгите возења со деца може да бидат ментално исцрпувачки, и за малите, но и за возрасните. Што може да го олесни патувањето со автомобил? Ги прашавме мајките и тие ни открија 6 работи кои дефинитивно треба да ги имате во автомобилот за малите патници.

dm дрогерие маркт

Време за читање 4 Мин.

8/12/2024

Vožnja u autu s djecom

Торба за итни случаи која е секогаш при рака

Дали  куферот е спакуван и веќе е во  багажникот? Годишниот одмор може да започне! За секој случај, спакувајте уште еден мал куфер или торба што секогаш ќе ја имате при рака. Во неа секогаш треба да имате детски фластери, резервна облека, пелени и влажни марамчиња. Истурениот сок или влажната пелена е нешто што секако можете да го очекувате.

Сè против мачнини од патување

За децата кои се борат со мачнини додека се  возат, треба да спакувате двопек, солени стапчиња или билни чаеви. Со нив можете да им го смирите стомачето и да спречите влошување на мачнините. Исто така се препорачуваат и редовни паузи и свеж воздух.

Многу важно: Децата дефинитивно треба да гледаат низ прозорецот во далечина и да не се концентрираат на нешто внатре во автомобилот. Се прашувате зошто? Мачнината е предизвикана затоа што  две различни сетила му испраќаат различни информации на мозокот. Очите му испраќаат сигнал дека сте стационирани, додека пак центарот за рамнотежа во увото го чувствува движењето на автомобилот. Па така ако децата гледаат низ прозорецот, двата органи ќе му испраќаат исти информации на мозокот. 

 Ако ништо друго не им помага на нашите малечки и имаат многу мачнини, постојат и лекови против мачнини за време на патување.

 Специјални игри за незаборавни патувања

„Кога ќе пристигнеме? Мене ми е досадно!" – е реченица која ја слушате секоја минута. Вистински тест за трпението на родителите. Тука е потребен родителскиот забавен програм. Затоа, воведете специјални игри кои се играат само за време на подолги возења.

Најдобро би било да смислите игри во кои децата нема да гледаат предолго надолу, за да не им се слоши. Изненадете ги вашите најблиски со аудио книги или помалите деца со колекција што ги содржи нивните омилени песни за пеење, додека со поголемите истражувачи можете да играте „Погоди ја таблицата за множење и делење“. Помалите деца пак можат да гледаат низ прозорецот за да бараат животни, камиони, автобуси и слично.

Ранец полн со слатки

Децата навистина се радуваат на малите паузи за ужинка. Изненадете ги децата со слатки од вашиот ранец. Малите не знаат што може да има во ранецот, со што ќе  им се зголеми љубопитноста и радоста од исчекувањето. Грицките кои не ги јадат секој ден им прават посебно добро чувство. Исто така можете да  спакувате десерти, сокчиња или пак мали ќофтенца.

Врв на сè може да биде заеднички пикник. На игралиштето, на брегот на езерото или пак доколку ништо друго не е во близина, на тревникот до одморалиштето. Во секој случај, тие посебни паузи се пријатна промена за време на  подолги возења.

Заштита од сонце

Го сакаме сонцето, но премногу топлина или заслепувачките зраци на лицето многу брзо го убиваат расположението на нашите мали сопатници. Затоа: Поставете заштита од сонце на прозорците која ќе ги штити децата од непријатна топлина, но и облечете ги во облека која  ќе биде лесна, удобна и светла. 

Заради безбедност, децата треба да бидат намачкани со заштитен крем од сонце додека се  возат, бидејќи обичните стакла на автомобилот не штитат од изгореници предизвикани од сонце. 

Креативно против досадата

Децата кои немаат мачнина додека се возат ќе го обожаваат ова: со таблата за цртање, возењето со автомобил ќе помине додека да трепнете. Ако немате табла, доволно би било книга, таблет или картон како подлога. 

Боиците и гумата за бришење најдобро е да ги ставите во торбичката која ќе ја закачите на задниот дел од предните седишта. Така, алатките против досада се секогаш на дофат за вашите малечки.