Грижа за себе-Совет 10: Рутина за здраво пиење

Како да го поминете денот фит и витални со правилната рутина за пиење.
Водата е од витално значење за одржување на телото во форма и продуктивноста на мозокот. Околу половина од човечкото тело се состои од вода. Бидејќи постојано исфрламе вода, мораме и да внесуваме. Во просек, треба да пиете околу 1,5 литри течност дневно. Остатокот од течноста автоматски го внесувате со храната. Во принцип, здравите возрасни луѓе можат да се ориентираат според сопственото чувство на жед. Медицинскиот нутриционист и диететичар Марија Ана Бенедикт препорачува: „Жедта е добар знак дека треба да внесете течности. Но, тоа се намалува со возраста. Затоа треба да пиете редовно, дури и ако не чувствувате жед.“ Најдобро е редовно да пиете распределено во текот на денот, бидејќи пиењето „на резерва“ не функционира. На топло, при многу спорт или напорна физичка работа, потребата за вода се зголемува.

9 совети за вашата лична рутина за пиење
1 - Проценете ја вашата лична потреба за течности
Колку вода му треба на вашето тело зависи од многу фактори: возраста, полот, здравствената состојба, големината на телото и содржината на сол во храната. Зависи и од тоа колку е топло или ладно надвор, дали моментално многу спортувате или имате други физички активности. Да се држите до препораката од околу 1,5 литри дневно е добра основа. Исто така, постојат онлајн калкулатори за да се процени вашата лична потреба за течности.
2 - Чаша вода наутро
Во текот на ноќта, телото губи течности, но не апсорбира нови. По осум до десет часа сон, телото е лесно дехидрирано. За да бидете фит низ денот и добро да го поминете, ќе помогне ако наутро пиете поголема чаша вода од чешма. Дополнителна корист: Ова исто така ја стимулира дигестијата.
3 - Правилен избор на пијалок
Агенцијата за безбедност на храната советува да се пијат главно нискоенергетски пијалоци. Ова вклучува вода, минерална вода, незасладени овошни и билни чаеви како и разредени сокови од овошје и зеленчук. Можете исто така да пиете кафе, црн чај и други пијалаци со кофеин во умерени количини, но не повеќе од четири шолји дневно.
4 - Зачинете го вкусот на водата
Органски парчиња лимон, свежа маточина од балконот, неколку тркалца краставица или коцки ѓумбир: Во само неколку едноставни чекори, водата од чешма станува визуелно привлечна и вкусен пијалак од кој добро ќе се чувствувате. Во лето, нискокалоричен ладен чај може да се подготви за кратко време од изладен чај, лимон и малку овошје. Совет: Ако сами ги мешате пијалаците, одредете дали и колку шеќер содржат.
5 - Направете сами газиран пијалак
Водата од чешма е идеално средство за гаснење на жедта бидејќи е нискокалорична и нема да ве чини ништо. Но, понекогаш ви треба само нешто газирано за да се чувствувате навистина освежено: уред за правење на газирана вода е еднократно купување. Можете да го користите во домашни услови за да ја претворите водата од чешма во газирана во секое време. Одвреме-навреме треба да се заменат само кертриџите со CO2 за нови. Го чува вашиот паричник и околината!
6 - Шише за пиење во текот на денот
Не пијте големи количини одеднаш, туку неколку голтки или чаша вода респределени во текот на денот. Ако патувате многу, понесете практично шише за пиење кое се полни. Има и такви кои можете сами да ги дизајнирате и украсите. Ако седите многу во канцеларија, бокал полн со вода и убава чаша на работната маса ќе ве мотивираат редовно да пиете.
7 - Потсетник за пиење
Ако имате обичај да пиете премалку, практичните потсетници за пиење можат да ви помогнат: Подесете потсетник на вашиот паметен телефон со вашата омилена песна. А зошто да не и „Waterfalls“ од TLC или „Water under the bridge“ од Adele? Алтернативно, списокот за пиење можете и да го закачите на мониторот.
8 - Јадете вода
Од лубеница до целер: Многу видови овошје и зеленчук главно содржат вода. Особено во лето тие се погодни како лесна закуска, која на телото му обезбедува и течност. Бидејќи кога надвор е топло, потребата за течност се зголемува. Правилото за температурата на летните пијалоци е: не премногу ладно и не премногу топло.
9 - Пијте свесно
Ако пиете нешто додека јадете, тоа треба да го правите многу свесно. Прво добро џвакајте ја цврстата храна и смирено голтајте ја. Дури потоа посегнете по чашата.
Заклучок: Навикнувањето на свесна рутина за пиење му дава на телото доволно нискокалорична течност и ве прави витални во текот на денот.
Свесното пиење е добро затоа што:
- обезбедува правилно функционирање на сите органи
- помага при размислување и концентрирање
- ве потсетува да направите пауза и има добар вкус