Грижа за себе-Совет 1: Практикување благодарност / Дневник на благодарност
Како да тренирате да бидете благодарни и со тоа да станете посреќни.
Дали сте благодарна личност? И зошто е тоа воопшто важно? „Благодарноста ја проширува нашата ограничена секојдневна свест, која емотивно зема сè здраво за готово“, објаснува психотерапевтот и тренер Edith Haidacher. Дури и научно е докажано дека чувството на благодарност ве прави позадоволни, посреќни и поисполнети. Се чини дека благодарните луѓе се поподготвени да прават добри работи за другите. Како што вели водечкиот истражувач на благодарноста Robert Emmons, „Благодарноста е чувство на восхит и славење на животот.“ Друга добра вест е дека да се биде благодарен може и да се научи. За ова е неопходно свесно да се застане за момент и да се размисли за својот живот. Вака ќе забележите многу работи за кои треба да бидете благодарни. Дневникот за благодарност може да биде од голема помош.
Инструкции: Во четири чекори до дневник за благодарност
1 - Создадете ваше „катче за благодарност“
Набавете нотес кој особено ви се допаѓа. Ставете го на одбрано место во домот заедно со вашето омилено пенкало. На малата масичка покрај удобното столче или под прозорецот на даската со тапацир, на пример. Важно е да се чувствувате потполно пријатно во вашето сопствено „катче за благодарност“. Во секој случај, тука често во мала мера ќе се занимавате со големите животни прашања. Основното прашање секогаш ќе гласи: „Дали сфаќам дека сè е подарок и ништо да не се зема здраво за готово? Според терапевтот Edith Haidacher, можеме да бидеме свесни за следново: „Ние луѓето сме вградени во голем, хармоничен настан. Сè и секој си има свое место, своја функција, своја вредност. И сите живеат едни од други во голема прослава на животот“.
2 - Запишете го она што сте го доживеале
Одвојте 15 минути секоја вечер. Размислете што поминало добро тој ден, за што сте се израдувале или што значајно сте доживеале. Запишете три одделни ситуации и опишете што точно се случило, кој бил таму и како сте се чувствувале во тој момент. Запишете и три работи кои биле тешки и не оделе толку добро. Размислете и забележете што сте можеле да научите од тоа. „Водењето на дневник е форма на расчистување на мислите, форма на подигање на свеста“, вели терапевтката. „Она што го мислам само површно добива облик и тежина преку запишувањето и со тоа се отвораат нови, претходно непознати аспекти.
3 - Славете ги чудата во вашиот живот
Секојдневното занимавање со она што било добро и каде што сè уште постои потенцијал за развој, ја изострува сопствената свест. „Преку пишувањето деновите не минуваат половично“, нагласува тренерот. Токму спротивно: Кога пишуваме, ние луѓето стануваме свесни колку се скапоцени нашите животи. „Запишувањето случки и мисли јасно ни дава до знаење колку длабоко можеме да погледнеме ако одвоиме време.“ Пишувањето е на некој начин позитивен поттик: Запишувањето ни овозможува да видиме колку чуда, големи и мали, се случуваат секој ден. Haidacher: „Инаку лесно ќе ги занемарите вистинските чуда!“ Вашиот личен ритуал на благодарност го насочува вашето вниманието токму таму.
4 - Хранете се од вашиот извор на благодарност
Вашиот дневник за благодарност е вашиот личен извор на благодарност. Кога подоцна ќе го прелистате, одново ќе ви се вратат пријатните чувства од тоа време. Ова му кажува на мозокот колку е исполнет нашиот живот. „Благодарноста ве ослободува од ‚заспаноста’ при секојдневната рутина“, вели тренерот. Таа јасно дава до знаење дека ни е дадено време на земјата за сопствено уживање - со сите подеми и падови кои ни овозможуваат да растеме. „Можеме свесно да ги обликуваме нашите животи со сознанието дека нашите сопствени добри намери, мисли, зборови и постапки поттикнуваат важни работи.“ Погледнувањето во сопствениот дневник за благодарност одвреме-навреме го зајакнува овој афирмативен став.
ФОТОАЛБУМ НА БЛАГОДАРНОСТ
Навечер сте премногу уморни за да пишувате или сте повеќе визуелен тип? Тогаш можеби ќе се чувствувате попријатно со фотоалбум на благодарност. Многу е едноставно да се направи и создава убави спомени: Креирајте свој сопствен „Благодарам“-фолдер во вашиот паметен телефон. Направите снимки со вашиот мобилен телефон од особено убави моменти: на пример, кога скокате во езерото, од некое јадење подготвено со љубов или средба со добри пријателки. Ставете ја најзначајната слика како профил-слика на фолдерот „Благодарам“. Префрлете ги зачуваните фото спомени на крајот на годината во фотоалбум. Како што прелистувате, можете да се навратите на многуте убави моменти.
Заклучок: Водењето дневник или фотоалбум на благодарност е корисно за да се изостри сопствената перцепција и да се размислува за животот.
Придобивки од ритуалите за благодарност на прв поглед:
- Тренирате да го препознаете позитивното.
- Вашиот мозок усвојува афирмативен став.
- Благодарноста ве прави позадоволни и посреќни.