КатегорииКатегорија навигацијаГлавна содржина

Дигитален детокс: Време е да го одморите смартфонот

Го читате овој текст на смартфон? Пред тоа, одговоривте на работните е-меилови и ги проверивте вашите лајкови на социјалните мрежи? Внимание: Дигиталниот свет може да стане временски грабливец и извор на стрес. Но, постои начин да се избегне онлајн опседнатоста: Овде ќе дознаете како да ја повратите слободата и опуштеноста со дигитален детокс.

detoks

Зошто е важен дигиталниот детокс?

Времињата кога мобилниот телефон се користеше само за разговори одамна поминаа. Смартфоните се постојано присутни, обезбедувајќи вести и забава 24 часа на ден и осигурувајќи достапност. Заради компактниот формат на уредите, социјалните мрежи, стриминг услугите, пораките и секако е-меиловите секогаш се на дланка. Ова, практично може брзо да се претвори во зависност и извор на стрес. Стратегијата против ова е "дигитална детоксикација", таканаречениот дигитален детокс.

Социјалните медиуми како временски грабливец

Инстаграм, ТикТок и слични платформи ги задоволуваат потребите за лесно консумирање на содржини од брзиот секојдневен живот, со шарени слики, кратки видеа и текстови низ кои лесно може да се скрола. Реакциите во вид на лајкови и прегледи на објавите го задоволуваат центарот за награда во мозокот. Но, често не се завршува се  само на брзи кликања, разновидните алгоритми го задржуваат вниманието подолго од што  свесно забележуваме. Така, часовите брзо поминуваат со гледање на разновидни  содржини.

Проклетството на достапноста

Пред тоа беше едноставно, затворете ја вратата на канцеларијата - крај на работниот ден. Благодарение на апликациите за е-пошта на смартфонот или таблетот, личните пораки сега ги прават луѓето достапни практично  ден и ноќ. Феноменот на задолжително  проверуваање на  новите известувања веднаш доби име "FOMO" или "страв од пропуштање". Неоптоварено опуштање во слободното време е тешко можно, затоа што секое контактирање од  претпоставените  или колегите предизвикува стрес.  

Негативни ефекти на дигиталната околина

Ако се земе во предвид дека просечната употреба на смартфонот изнесува три часа на ден, се покажува дека мобилниот уред станал безмилосен грабливец на времето. Ова не ги вклучува другите периоди на користење на паметни уреди, како работа на компјутер, игри или гледање на телевизија. Сè тоа не останува без последици, стресот и преоптовареноста можат да предизвикаат исцрпеност, проблеми со концентрацијата и безволност, како и да влијаат на здравјето. Но, благодарение на дигиталниот детокс, ова не мора да биде така.

Што е дигитален детокс?

Движењето "Дигитален Детокс" се појави во 2010-тите години во САД како реакција на брзиот раст на употреба на  смартфоните и другите паметни уреди, како и  зголеменото значење на социјалните мрежи и постојаната достапност што произлегува од новата технологија. Свесното, временско одрекување од дигиталните уреди и соодветните медиуми има за  цел да го поврати загубениот квалитет на живот и истовремено да ја зголеми креативноста и перформансите.  

Што добивате со дигитален детокс?

Целите на свесното одмaрање од дигиталниот свет се:

  • Намалување на стресот преку намалување на достапноста (без е-пошта, пораки или вести)
  • Зголемување на продуктивноста и концентрацијата преку исклучување на изворите на одвлекување на вниманието
  • Вистинско опуштање преку намалување на преоптовареноста и искористување на слободното време за одмор  
  • Подобрување на здравјето, бидејќи физичките негативни ефекти од користењето на паметните уреди како напрегнување на очите или неприродна позиција на телото исчезнуваат после некое време.

Како да направите дигитален детокс?  

Целосно одрекување од смартфонот  на долг временски период често е тешко, бидејќи телефонот нуди важни функции во секојдневието. Затоа е  посебно важно да се земат паузи од дигиталната достапност и да се користат уредите и медиумите ограничено. "Дигиталниот детокс" може да се вклучи во секојдневието со мали и поголеми задачи. Кратките паузи можат значително да помогнат во опуштањето и ослободувањето на умот.

Колку трае дигиталниот детокс?

Нема фиксни временски периоди, дури и планирањето на кратки периоди на одмор може да допринесе за опуштање. Најчесто поставената цел на дигиталниот детокс е една недела без дигитални уреди. Ова, меѓу другото е полесно кога е поврзано со промена на место и оддалечување од секојдневните рутини на пример - на одмор.

Дигитален детокс: Вежба за почетници

За влез во процесот на практикување на  дигитално чистење, клучна е  свесноста. Неколку пати на ден, оставете го мобилниот телефон надвор од дофат и исклучете ги другите уреди (компјутер, ТВ). Свесно вдишувајте и издишувајте и фокусирајте се на вашата околина, на пример, на звуците во просторијата или надвор од неа. Уживајте целосно во овој момент и обидете се да ги смирите мислите. Практикувајте кратка медитација - така ќе ја  подобрите вашата благосостојба и менталното здравје.

Дигитален детокс за напредни

Кога ќе бидете спремни за следниот чекор, можете да воведете фиксен систем за дигитален детокс. Одредете фиксно време  во текот на денот кога нема да користите дигитални уреди. Тоа време посветете го исклучиво на не дигитални активности кои ви претставуваат задоволство. Читајте книги, шетајте или  посветете се на некое хоби. Свесно оставете го дигиталниот свет на страна. Таквата "пауза без смартфон" може да ви помогне да го вратите балансот со реалниот свет.

Дигитален детокс: 4-неделен предизвик  

Предизвиците со кои се соочувате (јавно) и ги документирате, се вистинска (најчесто вирална) специјалност на социјалните медиуми и видео-платформите. "Дигиталниот Детокс" предизвик го извршувате офлајн. Целта е да ги исполните  различните задачи во текот на четирите недели  и  за секој успех добивате поени. Задачата е да соберете што е можно повеќе поени. За да успеете во овој офлајн предизвик, најдобро е да ги отпечатите задачите и да ги закачите на видливо место во вашиот дом. Ова ќе ви донесе дополнителна мотивација.

Совет: Со неколку мотивирани пријатели ова искуство може да биде уште поинтересно. Започнете!

Задачи за прва недела

  • Отстранете ги ретко користените апликации и исклучете ги функциите за известување на преостанатите.
  • Најмалку еден ден не користете дигитални уреди пред доручек.
  • Една недела водете запис колку време користите дигитални технологии. Совет: Пратете го  времето поминато на дигиталните уреди преку  функциите кои ги има смартфонот. 
  • Користете будилник наместо функцијата за аларм на смартфонот.
  • Поставете го полначот надвор од спалната соба.

Задачи за втора недела

  • Не користете го смартфонот во присуство на други луѓе.  
  • Еден час на ден целосно воздржете се од користење дигитални уреди (видете ја горе наведената вежба).  
  • После работното време не користете работни алатки  (на пример, за преглед на работни е-пошти).  
  • Обидете се да не го проверувате смартфонот повеќе од десет пати на ден.

Задачи за трета недела

  • Не го користете  смартфонот додека одите или се движите со јавен превоз.  
  • Консумирајте дигитални содржини (стриминг, социјални медиуми, онлајн платформи, игри) само по 18 часот навечер.  
  • Еден час пред спиење не користете дигитални технологии.  
  • Поставете временски ограничувања за користење на апликации.

Задачи за четврта недела

  • Еден ден целосно не го користете  смартфонот.  
  • Смартфонот намерно оставете го дома еден ден.  
  • Отстранете ги сите дигитални уреди (вклучувајќи го и ТВ) од спалната соба.  
  • Не консумирајте дигитални содржини за забава.

Совет: Обидете се да го документирате времетраењето на користење на дигитални содржини и технологии. За смартфонот и таблетот постојат апликации кои помагаат во следењето на времето. Споредете го вашето време поминато онлајн од недела во недела и оценете го вашиот напредок.  Можеби со дигиталниот  детокс ќе доживеете побалансиран однос со дигиталниот свет.