Beauty sleep за блескав изглед
Ми треба сон за да се чувствувам убаво – понекогаш ова може да го кажете и на шега. Но, несомнено е дека доволното спиење придонесува за благосостојба и здрав изглед. Прочитајте тука зошто beauty sleep-от е добар за вашата кожа и како може да го поддржите вашето тело во неговите природни процеси на регенерација.

Нашата потреба за сон
Исто како јадењето и пиењето, спиењето е наша витална потреба. Ако спиете премалку или не спиете воопшто подолго време, телото започнува да се бунтува: Не само што концентрацијата и перформансите брзо се намалуваат, туку и кардиоваскуларниот систем страда од недостатокот на сон. Последиците се: висок крвен притисок, срцеви аритмии и во најлош случај – срцев удар.
Значи, сонот е од огромна важност. Но, колку сон им треба на луѓето? Повеќето луѓе спијат помеѓу седум и девет часа навечер. Потребата за сон е индивидуална: има луѓе кои речиси секогаш спијат само по пет часа, други се чувствуваат фит само доколку спијат девет до десет часа. Според науката, седум часа се сметаат за оптимална количина на сон.
Совет: Сакате да знаете дали спиете доволно? Ако може да се концентрирате неколку часа во текот на денот додека седите, без да ви се затворат очите, тогаш сте спиеле доволнo.
Важноста на Beauty sleep
Факт или мит? Добропознатиот сон за убавина е повеќе од само легенда: Не е тајна дека недостатокот на сон влијае врз нашиот изглед, нашата благосостојба и нашето расположение. По непроспиената ноќ се будиме со темни кругови под очите, бледа кожа, црвени очи и збрчкана кожа. Честопати единственото нешто што помага е шминкањето и барем едно јако кафе... Или уште повеќе сон.
Кога спиете, телото се обновува и регенерира. И во најголемиот човечки орган, кожата, процесите за регенерација се одвиваат со полна брзина кога ќе се стемни.
Beauty sleep: Wellness за кожата
Нема ништо подобро за вашата кожа од сонот: Додека сте во ,,земјата на соништата“, клетките на кожата се регенерираат трипати побрзо отколку во текот на денот. По мирен и доволно долг сон, вашата кожа наутро ќе изгледа опуштено и свежо. Не е ни чудо, бидејќи ова се случува во текот на ноќта:
- Оштетените клетки се опоравуваат
 - Се надоместува изгубената хидратација
 - Интензивната циркулација на крвта ѝ обезбедубва на кожата оптимални хранливи материи
 - Се создава колаген
 
Мелатонинот – хормонот за спиење, го скратува времето кое е потребно да заспиете и се вели дека го забавува процесот на стареење на клетките. Сепак, ова сè уште не е научно докажано.
Beauty sleep: Фази
За да се случат сите процеси на регенерација во телото, треба да спиете помеѓу седум и девет часа навечер. Сепак, потребата за сон се намалува кај луѓето над 65 години: Тие обично се чувствуваат фит и свежи по само шест часа.
Кога станува збор за beauty sleep, исто така важно е фазите на спиење да се точни. Врамнотежениот сооднос на длабок сон, лесен сон и РЕМ фази обезбедува доволна регенерација на телото во текот на ноќта.
Beauty sleep: 4 совети
За да имате мирен beauty sleep, треба да спиете добро и длабоко. За ова да функционира, има неколку работи што треба да ги имате на ум:
- Тивката средина влијае позитивно врз сонот. Гласни звуци, отчукување на часовниците, телевизорот што работи или зуењето на мобилните телефони – на ниту едно од нив не му е местото во вашата спална соба.
 - Опуштете се. Најдобро е да не ги носите вашите грижи и мисли во кревет со себе, дури и ако понекогаш е тешко. Пред да заспиете, важно е да се смирите ментално и физички. За да не ве мачат незавршените задачи за следниот ден, добро е да креирате To-do листа пред да си легнете.
 - Развијте ритуали и ритам. Истите вечерни ритуали, точно секој ден во исто време, му сигнализираат на телото дека се приближува времето за спиење и фазата на регенерација. Ова исто така ќе ви помогне побрзо и поубаво да заспиете.
 - Комплетна темнина е најдобар услов за длабок сон. Ако не можете доволно да ја затемните спалната соба, користете мека маска за спиење. Ова ќе ви овозможи побрзо да отпатувате во ,,земјата на соништата“.
 
Beauty sleep & нега на кожа
Самата кожа придонесува многу за својата убавина. Но, сепак можете да ја поддржите регенерацијата со следните ритуали за убавина.
Темелно чистење на лицето
Шминка, нечистотии и ситна прашина – нашата кожа мора многу да издржи во текот на денот. Во вечерните часови исчистете ја кожата темелно. Со внимателно чистење на лицето можете да избегнете создавање на иритации и нечистотии на кожата. Активните состојки од ноќниот крем за лице можат подобро да се апсорбираат на кожата додека се шират порите. Треба да направите и пилинг на лицето еднаш или двапати неделно за да ги отстраните мртвите клетки од кожата и да им дозволите на порите да дишат. Најдобро е тоа да го правите во текот на денот, бидејќи вашата кожа е почувствителна навечер.
Интензивна ноќна нега
По чистењето и негата со тоник, вашата кожа е подготвена за регенерирачка ноќна нега.
- Негувајте го лицето навечер со ноќен крем, а не со дневен крем: Додека дневниот крем првенствено обезбедува заштита од временските услови и влагата. Ноќниот крем ја снабдува кожата со висококонцентрирани активни состојки и маснотии.
 - Ноќната нега може да ја дополните со серум кој исто така е богат со ефективни активни состојки
 - Препорачуваме да ја разгалите кожата на лицето со маска за нега, еднаш или двапати неделно. Нанесете ја по чистењето на лицето и оставете ја да делува десет до дваесет минути. Исклучок се overnight маските за лице, кои остануваат на кожата во текот на целата ноќ и се мијат наутро.
 
По негата, може да ја израдувате кожата со масажа – ова ја стимулира циркулацијата на крвта и лимфниот проток, ја релаксира и зацврстува кожата. Убавиот сон и негата на кожата ќе ви помогнат да изгледате освежено и блескаво следниот ден.
Ноќна нега за убавина
Лицето не е единствениот показател за тоа дека сте имале мирен beauty sleep. Рацете, стапалата, деколтето и косата исто така имаат корист од големата нега пред спиење и ревитализирачкиот ноќен сон.
- Врзете ја косата во лабава пунџа или направете плетенки. Ова значи дека можете убаво да си легнете на страна или на грб, а вашата коса ќе биде заштитена.
 - Во зависност од тоа како лежите додека спиете, брчките може да се развијат во оние зони кои се најподложни на брчки и да се формираат фини, трајни линии - на пример на лицето или деколтето. Ваквите брчки во деколтето можете да ги избегнете со носење специјални градници за спиење. Тие обезбедуваат градите да останат на место во текот на ноќта.
 - Маските за раце и стапала се идеални за ноќна нега. Кремите и серумите можат длабоко да делуваат на кожата додека спиете. Едноставно ставете маска на рацете и нозете, ракавици и чорапи – и следното утро ќе имате кадифено мека кожа.
 - Чиста, по можност свежо испрана постелнина е идеална. Менувајте ја навлаката за перница на секои две недели за да спречите мртвата кожа и потта да предизвикаат пукнатини на вашата кожа.
 - Дали страдате од отечени очни капаци? Можете да го избегнете ова со спиење на две перници – по можност на грб. Повисоката положба на главата овозможува течноста низ телото подобро да се транспортира. Гелните маски за спиење кои разладуваат, имаат одличен ефект.
 
Разбудете се блескаво убави: 3 совети
Ако сакате наутро да се чувствувате како кралица на убавината, треба да ги примените следните три совети:
Наутро пијте многу топла или млака вода за да ја исфрлите течноста што се насобрала во телото преку ноќта.
Испрскајте го лицето со ладна вода цела минута. Ова ја подобрува циркулацијата на крвта, обезбедува розов тен и го намалува отокот на очните капаци.
Исчистете ја кожата и започнете со дневната рутина за нега.
Со доволна количина на Beauty sleep и овие совети, ништо не ви стои на патот кон пријатен сон и блескаво будење наутро!