КатегорииКатегорија навигацијаГлавна содржина

Фоликуларна фаза: Подготовка на јајце клетката

Едвај е завршен периодот кога женското тело веќе се подготвува за уште една потенцијална бременост. Фоликуларната фаза е подготовка на јајце клетката за овулација. Хормоните влијаат на емоционалната и физичката состојба. Еве што треба да знаете во врска со фоликуларната фаза.

dm-drogeriemarkt

dm дрогерие маркт

Време за читање 7 Мин.

6/28/2024

Drei Frauen mit Zitronen

Што е фоликуларна фаза?

Секоја жена веќе при раѓање има голем број на таканаречени оогени (исконски герминативни клетки), од кои примарните фоликули се развиваат до пубертетот. Околу 500.000 од нив во овој момент се во јајниците. Поради влијанието на фоликуло-стимулирачкиот хормон (повеќе за ова подолу), неколку од овие прото-јајце клетки кои се во мирување созреваат во фоликуларната фаза и се движат на површината на јајниците. Една се ослободува таму подоцна во фазата на овулација.

Дали фоликулите се јајце клетки?

Фоликулите не се самите јајце клетки, тие се фоликули исполнети со течност во кои е вградена јајце клетката. По овулацијата, од преостанатата обвивка на фоликулот се формира таканареченото жолто тело, кое пак е потребно за производство на хормони во лутеалната фаза [врска: лутеална фаза].

Кога започнува фоликуларната фаза?

Од медицинска гледна точка, фоликуларната фаза започнува на првиот ден од менструацијата. Во некои извори ќе наидете на прикази во кои менструалниот циклус има само три фази (фоликуларна фаза, фаза на овулација, лутеална фаза). Меѓутоа, бидејќи менструалната фаза со менструацијата има сопствени симптоми, има смисла од практични причини таа да се третира одделно.

Колку долго трае фоликуларната фаза?

Ако ја сметате менструалната фаза [врска: менструална фаза] како посебен дел, фоликуларната фаза трае од околу петтиот до 14-тиот ден од циклусот. Нејзиното индивидуално времетраење е различно од жена до жена и исто така може да варира од еден период до следниот. Затоа, вредностите дадени овде секогаш треба да се сфатат како ориентациони.

Што се случува во фоликуларната фаза?

Во фоликуларната фаза созреваат повеќе примарни фоликули во јајниците. Сепак, по циклус, обично само еден од приближно десетте првично активирани фоликули преовладува и продолжува да се развива додека не се ослободи подоцна во фазата на овулација [врска: овулација]. Лекарите ја нарекуваат оваа состојба како предовулаторно - фоликуларен стадиум. Во поретки случаи, може да се ослободат повеќе фоликули - тоа може да доведе до повеќекратни раѓања како што се двојајчани близнаци.

Што ја предизвикува фоликуларната фаза?

Отпочнувањето на фоликуларната фаза е даден со зголемувањето на нивото на неколку хормони со завршувањето на менструалниот период.

  • Фоликуло стимулирачки хормон (FSH): Овој хормон го произведува хипофизата. Ова е дел од мозокот кој ги контролира функциите на автономниот нервен систем и произведува различни хормони. Ослободувањето на хормонот го стимулира растот, развојот и на крајот изборот на доминантниот (најдобро развиен) фоликул со прицврстување на рецепторите на фоликулите и активирање на соодветните сигнални синџири.
  • Естроген: Естрогените се хормони кои се произведуваат примарно (но не исклучиво) во јајниците. Зголеменото ниво на естроген обезбедува обновување на слузницата на матката и станува подебела и подобро снабдена со крв. Во исто време, хормонот гарантира дека јајце клетката содржана во фоликулот расте за да може да се оплоди.

Фоликуларна фаза: можна е бременост?

Дали може да се забремени во фоликуларна фаза? Всушност, најголемата веројатност за зачнување постои во доцната фоликуларна фаза. „Најплодните“ денови се околу четири дена пред и околу еден ден по овулацијата (крајот на фоликуларната фаза). Ако сакате да имате деца, можете конкретно да ја вклучите фоликуларната фаза во планирањето на семејството. Внимание: Зачнувањето е помалку веројатно веднаш по менструацијата, но секако не може да се исклучи. Доколку е потребно, обрнете посебно внимание на контрацепцијата, на пример со презервативи.

Како се препознава фоликуларната фаза?

Фоликуларната фаза веднаш следи по менструацијата. Цервикалната слуз што се појавува во вагиналниот исцедок ви дава индикација дека се приближува овулацијата: на почетокот на фоликуларната фаза, ова е прилично бело и густо. Кратко пред овулацијата, бојата и конзистентноста се менуваат: слузта изгледа како белка од јајце и формира нишки. Кон крајот на фоликуларната фаза, некои жени доживуваат кратко чувство на болка во долниот дел на стомакот, што сигнализира овулација.

Психа: хормонални ефекти на фоликуларната фаза

Хормоналните промени за време на фоликуларната фаза не само што обезбедуваат созревање на фоликулите, туку се забележливи како физички, така и психички. Сепак, истото важи и овде: секоја жена различно ги чувствува влијанијата и не во иста мера. Освен тоа, надворешните фактори како стресот можат да имаат влијание на благосостојбата.

Емоционална благосостојба за време на фоликуларната фаза

Особено во втората половина од фоликуларната фаза, самодовербата и либидото кај многу жени се поизразени. Зголемените нивоа на естроген често доведуваат до зголемен интерес за социјална интеракција. Бидејќи естрогенот има влијание врз производството на серотонин (хормонот на среќата), многу жени се чувствуваат особено позитивно во тоа време, благосостојбата, креативноста и енергијата се зголемуваат. Фоликуларната фаза на тој начин може да стане период на добро расположение. Сепак, кај некои жени хормоните предизвикуваат спротивни осцилации во расположението, раздразливост и замор.

Фоликуларна фаза и спорт

Органски ефект во фоликуларната фаза е подобрено примање на кислород. Ова се одлични предуслови за вежбање на сила и градење на мускули. Зголемувањето на естрогенот малку ја зголемува подложноста на повреди во текот на фоликуларната фаза. Ова може да се должи на тоа што лигаментите се полабави, а жените (поттикнати од напливот на серотонин) се поподготвени да ризикуваат кога спортуваат.

Исхрана во фоликуларната фаза

Во фоликуларната фаза, на слузницата на матката наново почнува да се гради. Притоа можете да го поддржите вашето тело, бидејќи му треба пред сè едно: Протеини (белковини). Тие се наоѓаат, на пример, во следната храна:

  • Мешунки (соја, леќа, грав, грашок и наут)
  • Овесни снегулки
  • Интегрален леб
  • Бадеми, кикирики

Не постои специфична дополнителна потреба поврзана со циклусот за специфични индивидуални витамини или минерални материи во фоликуларната фаза.

Фоликуларна фаза: пробиотски намирници за хормони

Второто тежиште треба да биде на пробиотските намирници, т.е. храната која содржи живи микроорганизми (бактериски култури). Пробиотската храна го поддржува регулирањето на хормоналната рамнотежа. Соодветна е храната што е никнувана или ферментирана. Некои млечни производи содржат и пробиотски додатоци. Збогатете го вашето мени за време на фоликуларната фаза со

  • Кимчи
  • Кисела зелка
  • Темпех
  • Соја сос
  • Мисо паста
  • Кисел зеленчук (кисели краставици, цвекло, пиперки)
  • Никулци (луцерка, брокула, соја, ротквици)
  • Јогурт, кефир

Заклучок: Зголемените нивоа на хормони во фоликуларната фаза со себе носат бранови на енергија и често зголемено чувство на благосостојба. Кога станува збор и за планирање на семејството и за контрацепција, треба да обрнете особено внимание на проширената фоликуларна фаза, бидејќи тука лежат плодните денови. Поддржете го вашето тело со исхрана базирана на циклус и спорт.