Тргни го срамот на страна и направи самопреглед
dm дрогерие маркт
Време за читање 3 Мин.
•
1/2/2024
Последните неколку години активно работам со компании како консултант за ментално здравје. На сите презентации имам еден фиксен слајд на кој што има една слика од човечко тело и пишува: „Лоцирај го физичкото, а потоа лоцирај го менталното здравје” .
Да бидам кратка, луѓето многу полесно можат да го лоцираат физичкото здравје отколку менталното, за на крај да донесеме заеднички заклучок дека сепак зборуваме за две страни на една иста паричка и дека овие два ентитети се во нераскинлива континуирана врска.
Срамот е сложена емоција која често е поврзана со негативна самоевалуација, немоќ, намалена мотивација и чувство на безвредност. Кај децата срамот како емоција се појавува помеѓу третата и четвртата година и тоа значи дека детето може да ги набљудува свесно своите реакции и однесувања, но истовремено и знае дека е набљудувано од возрасните. Појавата на емоцијата срам е сосема нормална во целокупниот здрав човеков развој. Срамот да се зборува за одредени состојби на физички или ментален план јас го поврзувам во најголема мера со стигмата која ги покрива истите. Една статија која неодамна ја читав вели дека мажите и менталното здравје се зборови кои многу ретко се ставаат во една иста реченица, а тоа само јасно зборува колку стигмата е присутна. Една студија пак вели дека 40% од мажите никогаш не зборувале со никого околу нивното ментално здравје иако чувствувале силна потреба за тоа, а дури 29% не го направиле тоа поради големото чувство на засраменост да побараат подршка околку нивниот проблем. Мажите во нашата земја се интересираат за сопственото ментално здравје, сакаат да прашаат и сакаат да си го подобрат секојдневното функционирање. Но, ако направам споредба, на индивидуалните советувања и на отворените настани, поприсутни се секогаш повеќе жените. Не е ретко дури и првото телефонско јавување да препуштат некој друг да го направи тоа во нивно име кога сакаат да се консултираат.
Иако можеби овој контекст не ни се допаѓа, јас силно верувам дека секогаш има простор за промена и прогрес доколку навремено се реагира. Следните неколку чекори кои ќе ви ги предложам верувам дека барем во потесни кругови ќе придонесат да се намали срамот за зборувањето за проблемите околу физичкото и менталното здравје.
- Прашувај. Секогаш кога имате можност прашајте ги пријателите, блиските, партнерите, соработниците, како се и низ што поминуваат. Покажувајте интерес секогаш кога ќе имате можност, секако почитувајќи ги и нивните лични граници.
- Слушај. Внимателно слушајте кога некој ви зборува за некоја емотивна или деликатна тема. Стремете се кон тоа со блиските луѓе да градите сигурен простор на доверба каде важните работи ќе можат безбедно да се изнесат.
- Охрабри. Охрабрете на акција. Без разлика дали станува збор за прв преглед на простата или пак прва закажана консултација со терапевт- охрабрете било каква иницијатива и промена.
- Провери. Веќе спомнавме дека луѓето чувствуваат срам кога треба да зборуваат за одредени проблеми со кои се соочуваат и затоа е многу важно да одржуваме релација со нив и да им дадеме поддршка.