Заедно со Д-р Ивана Панговска ве советуваме како правилно да го негувате лицето!
Како да го одредам типот на мојата кожа? Како правилно да ја негувам масната кожа? Кои се важни состојки за нега на лице? Негата на лицето од ден во ден станува сè покомплексна и често се случува да се загубите во големиот избор на производи кои секојдневно ги гледате на нашите полици.

dm дрогерие маркт
Време за читање 24 Мин.
•
1/3/2024

Ако не знаете како да започнете да се негувате, а кожата на вашето лице нетрпеливо ја чека својата рутина: Во соработка со Д-р Ивана Панговска, специјалист дерматовенеролог, ќе ви го дадеме одговорот на најчесто поставуваните прашања на оваа тема! Прочитајте тука сè што ве интересира за нега на вашето лице!
1. Како самостојно да го одредите типот на кожата?
Не постои универзален режим или волшебно решение за нега на кожата кој одговара на сите типови, бидејќи кожата кај секого е уникатна, а нејзините потреби честопати можат да се променат како резултат на хормонални, сезонски или други фактори во животот.
Доколку не можете да го откриете типот на вашата кожа со едноставно набљудување, измијте го вашето лице за да ја отстраните нечистотијата, маснотијата и шминката, исушете ја кожата со тапкање и почекајте еден час без да нанесувате производи за нега.
Доколку влагата и маснотијата се избалансирани, вашата кожа ќе биде нежна и мазна со воедначена розеникава боја, без неправилности, што одговара на нормален тип на кожа. На масната кожа се забележува сјајот на лицето, поради зголемената продукција на себум се познаваат проширени пори, можни се и митесери во вид на црни или бели точки кои претставуваат отворени и затворени комедони. Но, добрата вест е што масната кожа е помалку склона кон брчки и деидратација.
Доколку вашата кожа ја чувствувате затегната, груба, често се јавува чувство на јадеж – многу е веројатно дека имате сува кожа.
Комбиниранната кожа е најчестиот тип, каде се забележува сјај во Т-зоната вклучувајќи го челото, носот и брадата, додека останатите делови од лицето (образите) се воглавно суви или нормални. Како заеднички карактеристики на комбинираната кожа може да се вбројат и зголемените пори, комедоните и склоноста кон манифестација на акни.
2. Кои се чекорите за нега на кожа?
Основната рутина во нега на кожата треба да опфати чистење, хидратација и фотопротекција. Наутро доволно е да се измие кожата со гел, пена или мицеларна вода (во зависност од типот на кожата), додека навечер се советува двојно чистење, најпрво на база на масло, а потоа на база на вода како би се исчистиле сите нечистотии. Отстранувањето на изумрените клетки од површинскиот епидермален слон на кожата би требало да се обавува барем два пати месечно со помош на хемиски, ензимски или механички пилинг во зависност од состојбата, типот на кожата и годишното време. Повремено може да се користат маски за лице чија цел е зголемена нега и хидратација, а воедно опуштање на кожата.
Во зависност од тоа дали таа е дехидрирана, склона кон алергии, акни, хиперпигментации, брчки, се нанесуваат емулзии, серуми, ампули, масла. Соодветен антирид за зоната околу очите е посакуван, а фото-протективните креми се задолжителен дел од anti-age негата во текот на целата година.
Рутинската нега на лицето не подразбира примена на сите овие чекори, секој ден, два пати дневно – туку да се препознае и открие персонализирана рутина адаптирана на потребите и типот на кожата. Суштината е во правилниот избор на производи, редоследот на нанесување на производите, како и начинот на нанесување на истите, а тоа е од поретка кон погуста конзистенција.
Производите се нанесуваат директно со прстите со фини, нежни движења и утапкувања без употреба на притисок и триење.
- Маслен отстранувач
Маслен отстранувач е производ за чистење на лицето на база на масло, кој добро отстранува нечистотии, шминка, себум и заштитен фактор. Најдобра е неговата употреба навечер.
- Воден отстранувач
Воден отстранувач е производ на водена основа и служи за чистење на прашина, пот, честички од смог и ситни нечистотии останати од првото чистење (маслен отстранувач). Во зависност од типот на кожата, се користат гелови, пени или мицеларни води.
- Пилинг
Користиме хемиски или ензимски пилинг, а во текот на летните месеци механички пилинг, овозможувајќи ѝ на кожата подобра продорност и искористивост на активните состојки од препаратите за нега.
- Тоник
Ова е производ кој ја хидрира кожата, ја нормализира нејзината рН вредност и ја подготвува за впивање на останатите производи. Разликуваме тоници за смирување на иритираната кожа, за хидратација, за намалување на порите, изедначување на тенот, како и тоници со anti-age ефект.
- Серуми, ампули и маски
Производи кои содржат висока концентрација на активни состојки. Направени се за употреба со цел за решавање на одредени проблеми како што се флеките, брчките, ослабен тоус на кожата.
- Масла
Маслата се природни и богати со корисни состојки, препарати за нега на лицето како антиоксиданси, омега-киселини кои ја негуваат, потхрануваат и одржуваат влажноста на кожата. Такви се: арганово, бадемово, кокосово, маслиново масло, масло од дива роза, јојоба, лаванда и други.
- Антирид во подрачјето околу очи
Тенката кожа околу очите е подложна на побрзо стареење и побрза манифестација на брчки, па овие креми содржат посебна формулација против темната пребоеност и отеченост.
- Кремите за дневна и ноќна нега на кожата
Овие производи се со најгуста конзистенција и претставуваат завршница во рутинската нега на лицето.
3. Нега во пределот околу очите
Таа е во согласност со годините и структурата на кожата. Во раните 20-ти години акцентот е ставен во превенција на кожата од стареење со користење на хидратантни креми со заштитен фактор, а како прва линија на одбрана се антирид кремите со антиоксиданси (природни витамини од типот А, Ц, Е) при што витамините Ц и Е најдобо е да се аплицираат наутро, како би се неутрализирале штетните радикали кои настануваат во прв ред од УВ зрачењето. Додека витаминот А препорачливо е да се нанесува навечер поради својата фотосензитивност.
Со појавата на првите фини линии и брчки се воведуваат anti-age супстанци, а со појавата на темните и отечени перничиња се употребуваат препарати со билни екстракти кои помагаат во дренажата на осветлувањето на зоната околу очите. Еден од тие препарати е екстрактот од зелен чај кој содржи кофеин, кој ги стеснува крвните садови, го елиминира вишокот на вода, го неутрализира дејството на слободните радикали настанати со аерозагадувањето и УВ зрачењето.
4. Летна и зимска нега на лицето
Високите температури во текот на летото влијаат на потенцирано потење и лачење на себум од лојните жлезди, што придонесува за зголемено создавање на митесери и акни, меѓудругото зголемен е и интензитетот на УВ зрачењето така што летната нега на кожата се базира на редовно чистење на лицето, хидратација и фотопротекција. Се употребуваат лесни хидратантни креми со заштитен фактор и механички пилинзи. Ова е идеално време за користење тоници, серуми, заедно со лесни емулзии и хидратантни маски.
Во зима кожата е изложена на студ, ветер, промени на влажноста на воздухот, губи многу повеќе вода отколку обично па рутинската нега се состои во користење на производи богати со билни масла, хијалуронска киселина, ретинол – секако со фотопротективни препарати кои се задолжителни и во зимските месеци.
5. Што е неопходно за секој тип на кожа?
Заштитен фактор – што точно значи и која е неговата улога?
Добро сме запознаени со фактот дека претераното изложување на сончевите зраци со неадекватна заштита може да предизвика изгореници, стареење и различни оштетувања на кожата во вид на преканцерозни и канцерозни промени. Главна улога на заштитник од непосакуваното делување на сонцето се производите кои во себе содржат заштитен фактор.
Популарниот акроним SPF доаѓа од англискиот јазик и претставува sun protecting factor, ознака со која се обележува колку пати подолго можеме да се изложуваме на сонце отколку тоа би го направиле без каква било заштита.
Во препаратите кои штитат од сончевите зраци, разликуваме два вида на филтри – минерални и хемиски. Минералните филтри се базираат на физичко блокирање и одбивање на штетните УВ зраци, поради густината на својата текстура производите со минерален ЗФ тешко се впиваат, но нивната заштита е долготрајна. Хемиските филтри се впиваат во кожата, каде се апсорбираат и претвораат во топлинска енергија која ја отпуштаат од кожата.
Во случај на детска кожа, кожа склона на алегии и на трудниците и доилките им се препорачува минерална заштита, поради помалиот дел на хемиски состојки во самиот производ.
Заштитата од УВ зрачењето е неопходна како дел од утринската рутинска нега на кожата на лицето во текот на целата година. Препораките на дерматолозите се секогаш, особено во летниот период да се користат креми со највисокиот заштитен фактор, а тоа е според одредени норми ЗФ 50+, со оглед дека разликата кон повисокоите фактори е минимална. Препаратите за заштита на лицето од сонце се одбираат врз основа на типот и состојбата на кожата: некомедогени, oil free, во вид на гел за масна и богата кремаста структура за сува кожа. Постојат посебни формулации на препарати за чувствителна, склона кон алергии, кожа со хиперпигментации, акни, куперозна кожа и така натаму.
Зошто е важна хидратацијата на лицето?
Хидролипидниот филм што ја покрива и штити кожата, може да се измени, во тој случај таа станува дехидрирана, може да дојде до затегнување и појава на црвенило. Адекватната хидратација е клучна за одржување на здрава кожа. Главната мисија на рутинската нега за хидратација е подобрување на изгледот на кожата, да се отстранат токсините, да се победат акните и таложењето на себумот и да се збаави процесот на стареење. Хумектансите ја привлекуваат водата и ја навлажнуваат кожата, имаат лесна, немасна структура и се задолжителен дел во негата на масната кожа. Емулиентите ја омекнуваат и прават мазна кожата, додека оклузивите ја заклучуваат водата внатре во кожата, тие се потешки, погусти по текстура и се применуваат за сува и дехидрирана кожа.
6. Правилна нега на масна кожа
Масната кожа може полесно да се утврди бидејќи се забележува сјајот на лицето, а зголеменото производство на себум придонесува за појава на проширени пори, кои со изумрените клетки предизвикуваат развој на невоспалителни процеси во вид на митесери, но и воспалителни процеси во вид на акни.
За масниот тип на кожа треба внимателно да се изберат производи за нега, а најважно е нејзиното правилно чистење. Остатокот на себум, шминка, нечистотии се отстранува со маслен отстранувач, а потоа задолжително измивање со гел или пена. Не користете јаки сапуни или други препарати кои може да ја пресушат кожата. Клучна е и редовната ексфолијација на изумрените клетки на кожата кои предизвикуваат блокада на порите, па редовниот пилинг на база на салицилна киселина е неопходен. Тој помага во обнова на клетките, го рафинира тенот и текстурата на кожата, а меѓудругото придонесува за осветлување на темните дамки и евентуално присутните лузни од акни. Хидратантните дневни и ноќни креми, како и кремот за околу очи треба да имаат лесен состав во вид на гел или флуид и да се некомедогени, односно да не ги запушуваат порите. Такви супстанци се витамините Ц, Е, А, нијацинамид, хијалуронска киселина, алое вера, екстракт од зелен чај, кои го отстрануваат вишиокот на маснотии и делуваат невоспалително.
Дополнителната нега за овој тип на кожа може да биде серум кој содржи активна состојка во концентрирана форма, од оние кои ги набројавме.
7. Нега на проблематична кожа склона кон акни
Кожата што е склона на акни ги засега сите возрасни групи, не само адолесцентите и предизвикува симптоми на воспаление, црвенило, појава на митесери и акни. Овие кожни проблеми во приближно 70-80% ги засегаат младите, но сепак во извесна мера се јавуваат и кај жените во подоцнежната фаза од животот како резултат на хормонален дисбаланс.
Прекумерното производство на себум создава идеална средина во која се размножуваат бактериите на акните кои впрочем се дел од нормалната флора на кожата. Генетската предиспозиција игра голема улога во развојот на акни, доколку и двајцата родители страдале од акни за време на пубертетот голема е веројатноста дека и нивните деца ќе имаат акни. Алкохолот, никотинот негативно влијаат врз состојбата на кожата. Неправилната нега, употребата на погрешни козметички производи како и факторите на животната средина може да предизвикаат запушување на порите што води до бактериски раст и локално воспаление. Нежното и ефикасно чистење е од суштинско значење во негата на проблематичната кожа, салицилната киселина има антибактериско и комедонолитично дејство со што ефикасно ги намалува акните и ја спречува појавата на нови. Маслата од чајно дрво и алое вера имаат противвоспалителен ефект и ја смируваат иритацијата и микровоспенијата. За нега на кожа склона кон акни ја нагласувам употребата на лесни флуидни креми кои содржат фотопротективен фактор. Придржувајте се до производи за нега без мирис, бидејќи овој тип на кожа може лесно да биде иритирана од одредени хемиски синтетизирани мириси, парфеми, бои и парабени. Доколку веќе на кожата настанале акни, тие треба да имаат посебен третман. За овој третман би препорачала гелови коишто се токму наменети за сушење на веќе создадените акни и имаат антибактериско дејство за да се спречи понатамошното создавање на нови акни.
8. Правилна нега на сувата кожа на лицето
Ако вашата кожа ја чувствувате затегната, груба, рапава, доколку хидратантната крема веднаш по чистењето се впива, се лупи, се појавуваат предвремени брчки, иритација и јадеж – тогаш вашата кожа е сува.
Сувата кожа се карактеризира со недостаток на маснотии, а поради нарушената хидролипидна бариера не е во состојба да ја задржи водата, па честопати е и дехидрирана. Чистењето на сува на кожа треба да биде секојдневно, но не агресивно. Препаратите за нега на сува кожа треба да содржат две основни супстанци – препарати кои ја привлекуваат водата од надворешната средина и се врзуваат за кожата (тоа се аминокиселините, млечната и хијалуронската киселина).
Вторите состојки се емулиентите кои имитираат природни липиди, прават масен филм на површината на кожата, а со тоа го намалуваат испарувањето (такви се бадемовото масло, маслото од дива роза, авокадо и така натаму). Придржувајте се до производи за нега без мирис, бидејќи сувата кожа може лесно да биде иритирана од одредени хемиски синтетизирани мириси.
Редовната ексфолијација е важен дел од правилната нега на сувата кожа, пример млечната киселина како добар хумектанс помага да се обноват клетките на кожата без да се уништат нивните природни масла, само бидете претпазливи и применувајте го пилингот барем еднаш неделно. Дневните креми со богата текстура треба да содржат фотопротективни филтри независно од сезоната во која се користат.
9. Нега на зрела кожа
Добрата нега во 20-тите и 30-тите години е основа за здрава, младолика и убава кожа во подоцнежните години. Со тек на времето нивото на колаген и еластин започнува да опаѓа, па во 30-тите години се забележуваат првите тенки линии и брчки.
Во борбата против стареењето се употребуваат антиоксиданси како витамин А, Ц, Е. Потребно е да се воведат хемиски пилинзи, а невечер употреба на креми кои содржат дериват на витамин А – ретинол. Во 40-тите години кожата станува посува, поради намаленото ниво на естрогените, кое влијае на намалување на синтезата на колагените еластични влакна што пак од своја страна доведува до опуштање на кожата и продлабочување на брчките.
Потхранувањето на кожата со растителни масла и путери помага за нејзината еластичност, а се воведуваат и серуми и ампули со висока концентрација на активни супстанци кои придонесуваат за здравиот изглед на кожата и го забавуваат понатамошното стареење. Пределот околу очите, како најнежен дел на кожата особено е чувстителен кога станува збор за зрела кожа – затоа не заборавајте, токму во периодот кога кожата е веќе созреана особено да се грижите за овој предел. Во овој период хијалуронската киселина има способност да ја задржи влагата и да ја спречи појавата на брчки. Хијалуронската киселина ја одржува кожата хидрирана и свежа, со што се успорува процесот на стареење на кожата, се измазнуваат фините тенки линии, делува на подлабоките и поизразени брчки и го подобрува тенот.
10. Нега на комбинирана кожа
Комбинираната кожа значи дека вашето лице содржи барем два вида различни типа на кожа, најчеста е комбинацијата на масната Т-зона и суви образи. Оваа кожа е доста проблематична за одржување, од една страна треба да пронајдете решение за зголеменото производство на себум во Т-зоната, а од друга страна да се хидрира областа на образите и околу очите. Меѓудругото оваа кожа може да се менува и сезонски, односно може да биде масна во текот на летото и сува во зимскиот период. Чистењето на лицето треба да биде обезбедено преку миење со соодветно средство со прилагоден рН фактор. Се користат серуми богати со антиоксиданси за да ја заштитат кожата од секојднвениот стрес и да им помогнат на клетките да се регенерираат. Ексфолијацијата е суштински дел од негата на комбинираната кожа, бидејќи помага да се отстранат мртвите клетки од кожата, а истовремено да се исчистат затворените пори. Прозиводите кои содржат екстракти од зелен чај, centella aziatica, алое вера се одлични за смирување на кожата и црвенилото на лицето. На крајот употребете лесна навлажнувачка крема за зајакнување на хидратацијата и држување на сјајот на кожата.
Негата околу очите препорачувам да биде со производи кои содржат хијалурон – состојка која одговара за секој тип на кожа.
11. Нега на чувствителна кожа
Ако вашата кожа има тенденција за појава на црвенило, иритација, јадеж или осип веројатно е дека имате чувствителна кожа. Оваа состојба може да биде предизвикана од генетски детерминирани фактори, фактори на животната средина како и алергиски реакции. Карактеристиките на чувствителната кожа вклучуваат: лесно иритабилна, инфламирана, сува, ксеротична кожа со манифестен јадеж, појава на чести осипи и чувство на жарење или пецкање непосредно по аплицирање на производите за нега на кожа. Да се најде совршен производ за нега на оваа кожа кој нема да ја иритира е предизвик. Може да го исчистите лицето со гел или пена кои се наменети токму за чувствителната кожа, а како дополнителна нега секогаш можете да изберете некој серум кој ја смирува стресната и иритирана кожа. Дополнителната нега може да биде во вид на туфер маска за лице. За овој тип на кожа секогаш избирајте производи со хипоалергени етикети, без мирис и бои, сулфати и парабени со смирувачко антиинфламаторно својство како зелен чај, centella aziatica, алое вера, пантенол и слично.
12. Важни состојки за нега на лицето
Хијалуронска киселина
Ова е една од најпопуларните состојки за нега на кожата. Таа е тајната зад која се крие свежата и хидрирана кожа. Хијалуронската киселина е полисахарид (вид на шеќер), составен дел од поткожното сврзно ткиво, хумектант кој се однесува како сунѓер на кожата кој впива вода. Го зголемува својот волумен со што го дава неопходниот здрав и блескав изглед на кожата. Хијалуронската киселина е неопходна за одржување на хидратација на кожата. При појава на првите линии и брчки, ефикасно ги измазнува и дава моментален ефект на пополнување на истите. За локална употреба се користи во разни облици – во вид на серуми, ампули,маски и креми. Наменета е за сите типови на кожа, а идеална е за сувата и дехидрирана кожа. Комбинирајте ја хијалуронската киселина со нијацинамид доколку имате кожа склона кон акни, додека комбинацијата на хијалурон и ретинол е одлична за зрела кожа, бидејќи го спречува исушувањето и перутањето на кожата по нанесување на ретинолот.
Витамин Ц
Витаминот Ц е многу популарна состојка за нега на кожата во последно време , затоа што дава брзи, видливи но и многу корисни резултати на долги патеки. Витаминот Ц е познат по своите антиоксидантни својства со што помага да се спречи оштетувањето на клетките и ткивата, спречувајќи го предвременото стареење на кожата. Има антиинфламаторно дејство, го забрзува циклусот на обнова на клетките со што се забрзува и заздравувањето на кожата. Витаминот Ц е познат и по поттикнувањето на синтезата на колаген. Додавањето на витамин Ц во рутинската нега на кожата го стимулира создавањето на колаген, со што кожата подолго време го задржува младешкиот изглед. Нерамномерниот тен може да се појави поради низа причини: лузни од акни, флеки предизвикани од сонце, црвенило и слично. Хиперпигментациските дамки се манифестираат со прекумерно создавање на мланин, способноста на витаминот Ц да го осветлува и изедначува тенот се состои од инхибирање на неизмот тирозиназа кој е катализатор во процесот на создавање на меланин. Тој придонесува за зголемена хидратација на кожата, а помага во намалувањето на темните кругови и подочници околу очите. Придобивките кои ги нуди витаминот Ц во однос на збаавување на процесот на стареење вклучува из аштита на кожата од штетните УВА и УВБ зраци на сонцето. Сигурен е за сите типови на кожа, само во ретки случаи кај луѓе со хиперсензитивна кожа каде може да дојде до блага иритација. Вимавајте витаминот Ц не го комбинирајте со ретинол, нијацинамид, АХА киселини поради можноста од иритации, а воедно ова се супстанци кои го намалуваат дејството на витаминот Ц.
Комбинирајте го витаминот Ц со витамин Е. Заедно се уште поефикасни, а комбинацијата на витамин Ц со ферулинска киселина дава подобри резултати во осветлувањето на флеките.
Колаген
Колагенот е еден од најважните протеини во нашиот организам и опфаќа околу 40% од сите протеини од кои се состои нашето тело. Со други зборови тој е заслужен за состојбата и квалитетот на нашата кожа, но и на коските, мускулите, лигаментите, косата и ноктите. Кога говориме за кожата, самиот колаген го чини околу 80% од дермисот, па неговото присуство ја прави нашата кожа цврста, јака, сјајна и без знаци на стареење. Со тек на времето природно опаѓа. Промените најпрво се забележуваат на кожата во вид на фини линии, потоа брчки кои се продлабочуваат, се губи еластичноста и затегнатоста на кожата, а стареењето прогресивно напредува. Во нашиот организам постојат 28 различни типа на колаген, од кои најзастапен е тип 1, а освен него, чести се и тип 2, 3, 4. Кога зборуваме за обликот на колаген постојат два типа: ендоген – природен и егзоген – синтетички кој го внесуваме како суплемент. Многубројни фактори влијаат на намалување на колагенот: загаден воздух, изложеност на штетни сончеви зраци, стрес, пушење, неадекватна исхрана и зголемен внес на шеќери и секако генетските предиспозиции.
Колагенот од внатре ќе го надополните по пат на разновидна исхрана со намирници кои ја стимулираат синтезата на природниот колаген или содржат колаген како говедско, пилешко месо, риба, јајца. Веќе со години колагенот се користи во козметиката. Многу козметички куќи имаат предизвик пред себе да направат препарати за нега на кожата со колаген, бидејќи молекулата на овој протеин е голема и со нанесување на кремите или серумите не е возможно да се внесе во кожата, така што останува на нејзината површина. Состојките кои треба да ги барате на етикетите од козметичките прозиводи се хидролизиран колаген или пептиди на колаген чии молекули се доволно мали за да влезат во кожата точно онаму каде што треба.
Дива роза
Маслото од дива роза се добива од семките на плодовите од дива роза. Се одликува со висок процент на незаситени масни киселини, како линолеовата киселина која дава висока доза на хидратација, има регенеративно дејство и делува против иритации. Покрај ова, маслото од дива роза содржи и ликопин, состојка која делува против слободните радикали, содржи витамин Ц со антиоксидациско дејство, витамин А кој го поддржува сопственото производство на колаген и витамин Е со антиинфламаторно, смирувачко дејство. Маслото од дива роза е наменето за сува и дехидрирана кожа, но е одлично и за нега на масна и кожа склона кон акни. Ова масло го намалува лачењето на себум, ги намалува порите така што го редуцира создавањето на митесери и акни. Поради антибактериското делување ги спречува воспалителните процеси, што дополнително помага во третманот против акни. Маслото од дива роза има и разладувачки ефект на кожата помагајќи во олеснувањето на тегобите по сончеви изгореници, како и во нега на чувствителната кожа склона на црвенило.
Ретинол
Една од најважните козметички состојки, која ја има титулата на единствена beauty компонента која би требало сите жени да ја вклучат во рутинската нега на кожата на лицето. Помага за кожа со различни недостатоци, од брчки, проширени пори, митесери, акни, до хиперпигментациски дамки. Таа е единствената компонента која успешно може да санира цел спектар на дерматолошки проблеми. Возрасна граница за примена на ретинолот не постои, го користат тинејџери со проблематична, акнеична кожа до возрасната генерација како anti-age препарат во смисла на регенерација на кожата. Дериватот на витамин А делува ексфолијативно, предизвикува лупење на површинските епидермални клетки, а во длабинските слоеви ја поттикнува синтезата на колаген и еластични влакна со што придонесува за отстранување на фините линии и брчки, ги отвора запушените пори, спречувајќи создавање, а воедно и третирање на веќе постоечките акни како и редуцирање на хиперпигментациските дамки преку намалена продукција на меланин. Ретинолот треба да се користи во склоп на вечерната рутинска нега на кожата, комбинирајќи го заедно со хијалуронска киселина, екстракт од зелен чај, но никако истовремено со витамин Ц поради можноста од силна иритација. Оваа anti-age молекула треба редовно да се применува на кожата минимум 6 недели за првите воочливи резултати, додека оптимален ефект се постигнува за 3-4 понекогаш и 6 месеци редовна употреба. Меѓудругото треба да се напомене дека трудниците и доилките не треба да го користат поради докажаното штетно, тератогено делување на витаминот А.