Д-р Јован Ивчев Ве советува: Кои се најчесто поставуваните прашања во врска со машкото здравје?

dm дрогерие маркт
Време за читање 5 Мин.
•
1/3/2024

Ноември е месец на машкото здравје. Од таа причина, им дадовме шанса на нашите следачи на Instagram да го прашаат Јован Ивчев, професор д-р специјалист по урологија и специјалист по општа хирургија сè што ги интересира на оваа тема. Посебно сме горди на оваа соработка, затоа што можеме да дадеме можеби мал, но значаен придонес кон освестувањето за постоење на машки болести и нивна превенција. Погледнете ги тука одговорите на прашањата
1. Колку често треба да се прави уролошки прегледи на што конкретно е препорачано да се прави контрола?
Уролошки преглед кај мажи над 40 годишна возраст треба да се прави еднаш годишно. Истиот треба да содржи: уринокултура, анализа на крв со биохемиски параметри за бубрежна функција (уреа, креатинин, урична киселина, електролити), тумор маркери (PSA и PAP) и ултразвучен преглед на бубрези, простата, мочен меур и тестиси.
Уролошки преглед кај жени најчесто се прави при појава на некој уролошки симптом и истиот обично се состои од: уринокултура, ултразвучен преглед на бубрези и мочен меур и лабораториска анализа на крв со биохемиски параметри за бубрежна функција.
2. Дали секој јазол на тестисите е знак за канцер?
Секој јазол на тестисите не значи дека е карцином, но за сигурност при секој таков наод задолжително треба да се посети уролог при што треба да се направи ултразвучен преглед на тестис и епидидимис од двете страни и да се направи анализа на тумор маркери за карцином на тестис (α-feto protein, β-HCG, LDH, Prolactin) во крв.
3. Како можам да го намалам ризикот од канцер на тестисите? Дали игра важна улога исхраната, начинот на живот, стресот и слично?
Ризикот од канцер на тестис може да се намали со редовни уролошки прегледи кај мажи на возраст од 20-25 години, посебно кај оние кои имаат направено операција поради крипторхизам - односно неспуштен тестис (ако еден или двата тестиса не се наоѓаат во скроталната ќеса), оние кои имаат фамилијарна анамнеза за малигни заболувања и кај болни со намален имунитет поради системски болести, хронични леукемии и HIV.
4. Што точно е простатата и зошто е толку важно нејзиното здравје?
Простатата е жлезда со внатрешно лачење, која продуцира т.н. семена течност која врши транспорт и исхрана на спермата и учествува во регулирање на контролата на уринирањето кај мажите.
Истата е од посебна важност за машкото здравје поради тоа што претставува втор по честота дијагностициран карцином кај машката популација.
5. Кои се рани знаци, симптоми за канцер на простата кои се игнорираат и ни посочуваат дека треба да се посети уролог?
Најчести рани знаци и симптоми за канцер на простата кои треба да апелираат да се посети уролог се: често мокрење, ноктурија (често ноќно мокрење), ургентна инконтиненција, отежнато мочање со тенок млаз, чувство на недоволна измокреност, крв во урината или спермата.
6. Дали многу честото уринирање е знак за некоја посериозна болест?
Честото уринирање најчесто не е знак на некоја посериозна болест. Истото често се јавува како резултат на уринарна инфекција, бенигна простатична хиперплазија или хроничен простатитис.
7. Од која возраст треба да се започне со уролошки прегледи?
Кај машки деца уролошкиот преглед започнува со самото раѓање при што педијатарот проверува дали двата тестиса се неоѓаат во скроталната празнина и дали кај детето има и некоја вродена уролошка аномалија како хипоспадија, еписпадија или некоја конгениталнна аномалија на бубрезите и уретерите. Во понатамошниот развој уролошкиот преглед продолжува во школската возраст преку редовните систематски прегледи, а после 40 годишна возраст потребен е редовен годишен контролен уролошки преглед. Кај женските деца истиот треба да се изведува при секоја појава на некој уролошки симптом како: појава на чести уринарни инфекции со бактеријата Escherichia Coli, појава на неконтролирано мокрење, а кај возрасни жени: појава на безболна хематурија (крв во урината), разни видови на уринарна инконтиненција, болно и често мокрење, постојана болка во лумбалната регија и др.
8. Дали канцерот на тестиси во најголем случај е излечив?
Да. Во случаи на навремено откривање и лекување, процентот на излекување изнесува над 95%.
9. Како да направам самопреглед?
Самопреглед се изведува со палпација на скротумот и двата тестиса и при палпирање на било каква тврдина или јазол на истите, пациентот треба веднаш да се јави на уролог за понатамошни иследувања.