Неколку работи кои твојот син треба да ги знае за Мовембер
Огромен фан сум на гласните кампањи кои имаат за цел да ја разбудат свеста за постоењето на некој проблем, особено кога тоа е направено на креативен начин. Верувам дека многу родители овој месец ќе бидат затекнати од прашањето: Мамо/тато што е тоа Мовембер?
Знам дека не е лесно кога треба да се разговара со децата за различните феномени во општеството, кога треба воедно да дадеме доволно јасен одговор, а од друга страна тоа сепак да биде сведено според нивната возраст.
Денес, голем дел од помладите генерации растат онлајн, па некогаш и родителите со коишто работам знаат да се пошегуваат дека нивните тинејџери ги едуцираат нив и дека сега за некои аспекти тоа е обратен процес. Сепак тврдам дека ниту една виртуелна мрежа или пребарувач не може да го замени контактот родител-дете и дека инфомациите кои би произлегле во таа релација заедно со одговорите на многуте прашања би биле далеку покорисни.
Секогаш кога сакате да разговарате со вашите деца за некоја тема за која сметате дека треба да се посвети време треба да ги знаете овие три работи:
- Нека биде едноставно. Водете го целиот разговор соодветно според возраста на детето. Поимите и речникот исто така нека бидат соодветни за возраста и обидете да дадете поедноставни објаснувања.
- Бидете отворени. Децата без разлика која и возраст да се, секогаш ќе имаат дополнителни прашања. Доколку се подготвувате за некоја конкретна тема, посветете време и информирајте се и вие повеќе доколку сметате дека е тоа потребно. Дадете им простор да поставуваат прашања, да ги споделат своите грижи, ставови и размислувања.
- Прашувајте. Не се плашете и вие да прашате (Зошто сега се интересираш за ова? Каде виде/ прочита?) Денес информациите можат да пристигнат од повеќе страни, а вие како родител би сакале да знаете од каде вашето дете ги црпи информациите. На тој начин ќе можете да ги превенирате неточните информации.
Затоа што Ноември е месец посветен на мажите и машкото здравје, наредните точки ќе бидат во таа насока.
- Како Ноември стана Мовембер? Истражете околку самото движење и приберете информации, а потоа исфилтирајте и соодветно за возраста објаснете. Зборувајте за важноста на физичкото здравје, зошто се важни прегледите и самопрегледите, како тоа да се направи и покажете. Менталното здравјте исто така нека биде дел од овој разговор. Можете да објасните дека и мажите некогаш се соочуваат со потешкотии и сосема е во ред да сакаат да разговаат, споделат и да побараат помош.
- Охрабрете волонтирање. Ако сакате вашето дете подобро да разбере некоја визија или мисија нема подобар начин од волонирање во некоја од невладините организации кои секоја година спроведуваат разни кампањи и акции. Можете да понудите како опција и доколку е детето заинтересирано да му помогнете да се приклучи.
Многу родители знаат да ги одбегнуваат овие разговори. Дел од нив сметаат дека не се важни и дека детето евентуално еден ден ќе научи повеќе, а друг дел сметаат дека не се адекватни лица за да зборуваат за овие теми и се чувствуваат неподготвени. Затоа сакам да ве охрабрам да ги тргнете овие дилеми на страна и да ја потенцирам повторно важноста на односот родител- дете. Без разлика дали вашето дете со кое треба да искомуницирате на некоја важна тема има 10, 15 или 20 години. Со вашата непосредност и отвореност градите взаемен меѓупростор на доверба и здрава релација.