КатегорииКатегорија навигацијаГлавна содржина

Загриженост на жената за неплодност и потешкотии во забременување

dm дрогерие маркт

Време за читање 6 Мин.

12/21/2023

Загриженост за неплодност

Потешкотиите при зачнување и предизвиците за забременување се емоционално тешки искуства кои ги минуваат многу парови. Кога жената се соочува со предизвици поврзани со фертилитетот, емоционалиот ролеркостер може да се очекува, и неретко e заедно со чувства на недоволност, засилена анксиозност, изолација и депресивност. Сонот за создавање на семејство, кој за многумина честопати изгледа едноставен, за жал за многу парови одеднаш станува комплексен лавиринт на медицински тестови, хормонални третмани, а за некои жени и болен психолошки процес.

  1. М-р Ивана Хаџиванова

    Психолог, Гешталт и ЕМДР Психотерапевт, Семеен-Системски советник и Супервизор

Крај на листата

Со цел поддршка на жените кои се соочуваат со ваков животен предизвик, важно е да се зборува и да се прави психоедукација за стратегии за справување со стресот, и да се овозможи емоционална поддршка и ресурси кои можат да помогнат во целиот комплексен процес.

Неизвесноста и чекањето може да влијаат на менталното здравје, и да ја покачуваат анксиозноста. За жал, негативните исходи во процесот можат да го отежнат оптимизмот. Жените во ваков период, често знаат да се изолираат од социјалните активности, особено оние кои вклучуваат деца или бремени пријателки, бидејќи соочувајќи се со овие предизвици тие може да станат емоционално преплавувачки. Важно е да се нагласи,  дека жената не треба да се обвинува себеси за своите реакции од тригерите, и за сите чувства потикнати од реализираните мајчинства во околината Тие чувства и мисли се апсолутно човечки и очекувани да се појават при вакви болни процеси.

Стресот може да го стави партнерскиот однос под огромен притисок и на тест. Се сретнуваат примери и се случува да меѓусебната емоционалната поддршка која е клучна, понекогаш да биде тешка за одржување. Сплетот на страв, тага, лутина и интензивна загриженост кај партнерите, споени со неизвесноста, знаат да допринесат за ескалација на тензијата во партнерската комуникација, или пак во целост да ја прекинат. Исклучително е важно партнерите во континуитет да се поддржуваат и да ја задржат смирената и топла комуникација и однос помеѓу нив, низ стресниот период.

Дополнително, многу често оваа борба паровите ја водат тивко и несподелувајќи со поширокото семејство, а прашањата и нетрпеливото исчекување на бебе од околината знаат да додадат дополнителен притисок и болка. Поставете граници во комуникацијата со околината и дајте до знаење дека ја цените нивната желба и радост, но вие имате свој тајминг и дека ќе бидат информирани за темата кога вие ќе процените дека има нешто значајно за споделување со нив. Не заборавајте дека имате право на своја приватност, и право на свои животни одлуки и темпо.

Што е тоа што може да Ви помогне?

Дозволете си да тагувате, прифатете ги сите емоции кои ги чувствувате и изразувајте ги. Потиснувањето на емоциите може да ја покачи анксиозноста. Зборувајте со вашиот партнер, споделете ги вашите чувства, стравови и надежи отворено со вашиот партнер. Недоразбирањата можат да се зголемат кога сте двајцата под емоционален стрес. Имајте на ум дека и вашиот партнер минува свој емоционален процес, иако од страна тоа можеби не ви изгледа така. Разговорите добро ќе ви дојдат на двајцата. Со разговорите направете си план и временска рамка за процесот и постапките, согласно тоа како се чувствувате и колку сте психо-физички подготвени.

Дополнително, зборувајте со лица од доверба во вашата околина, а можете да зборувате и со психотерапевт за да ви помогне да ги процесирате овие комплексни чувства, на индивидуална и на партнерска сесија.

Проширување на вашата мрежа на поддршка, со групи за поддршка и разговорот со други кои поминуваат низ слични борби, може да ви ги намали чувствата на изолација. Не сте сами, многумина пред вас, и многумина после вас ќе минуваат низ ваков тип на животен предизвик.

Користете техники и стратегии за редукција на стресот и опуштање. Активности како медитација и вежби за длабоко дишење можат да ви помогнат да останете фокусирани на сегашниот момент, наместо да се грижите за несигурната иднина. Движењето на телото и физичката активност, доколку не е контраиндицирана, може да допринесе за постигнување на благосостојба.

Едуцирајте се, знаењето е моќ. Што повеќе сте информирани во однос на третманите и можните ефективни опции, толку помалку мистериозни и страшни ќе ви стануваат. Ова исто така ќе ви овозможи да донесете информирани одлуки и повторно да добиете чувство на контрола. Читајте исклучиво релевантни и проверени он-лајн извори. Информираноста е добра, но не заборавајте дека сепак стручните лица се тие кои се најмногу едуцирани и искусни во однос на адекватната област, соработувајте со нив и следете ги нивните препораки.

Бидете во континуиран контакт со медицински стручни лица и мултидисциплинарен тим, специјализирани за потешкотии со плодност, кои можат да понудат медицински интервенции, насоки и механизми за справување специјално наменети за вас.

Ако сте смела жена во процес на соочување со предизвици при оплодување, запомнете дека не сте сами и во ред е да побарате помош. Секој тест, секој третман и секоја солза се доказ за вашата сила и вашата посветеност кон желбата за ваше идно семејство. Останете полни со надеж, останете храбри и останете поврзани. Животот често има начин да нè изненади кога најмалку го очекуваме, да ги претвори нашите борби во сили, и нашите испити во триумфи.

Ако сте смела жена која се одлучила да пројде низ мачниот пат за оплодување, само за да откриете дека сонот за биолошко мајчинство останува недостижен, запомнете дека вашето патување, иако полно со препреки, е сведоштво за вашата огромна снага. Побарајте стручна психолошка поддршка доколку ви треба помош при процесот на прифаќање и оджалување. Запомнете дека вашата вредност не се мери со вашата способност да станете мајка, туку со љубовта, силата и истрајноста кои сте ги покажале во желбата да креирате живот, како и другите ваши животни успеси и улоги.

Патеките кон создавање на семејство се многубројни и разнолики, и додека еден пат може да се затвори, други патеки ги чекаат вашите храбри чекори.

*Текстот е од психоедукативен и информативен карактер и не е замена за стручна поддршка. Ве молиме консултирајте се со квалификувано стручно лице од потребната област за адекватен третман.