
Празнична Моцарт торта
Идеален празничен рецепт, затоа што сите го сакаме вкусот на Моцарт топчињата, кои се ,,автори’’ на оригиналниот рецепт, што беше инспирација за оваа торта. Зошто е одлична за празниците? Затоа што може да се подготви однапред, во неколку фази, без стрес!
Напомени:
- Калапот со тесто се лади во ладилник еден час, иако овој тип на тесто е добро да се остави една цела вечер во ладилник за добро да се излади. Доколку немате време за тоа, тестото развлечете го малку преку работ на калапот, за да бидете сигурни дека нема да се распадне на почетокот од печењето.
- Во овој рецепт, користени се dmBio марципан штанглици кои се прелиени со чоколадо, а доколку сакате посветол слој – чоколадото може да се отстрани со остар нож. Не е неопходно ова да се направи, може да го додадете чоколадото кое е на штанглиците. А, исто така, може да се обидете да пронајдете и чист марципан.
- Крем сирењето кое се употребува е во вид на крем сирење за колачи, кое наликува на маскарпоне. Може да употребите секаков вид на крем сирење.
- Наместо dmBio крем од лешник, може да користите dmBio чоколадо со топен лешник.
- По печењето на кората, калапот внимателно треба да се отстрани и да се стави ацетатна фолија за да се заврши тортата. Користен е калап од 18 цм, па филот го преминува работ на кората. Доколку не сакате висока торта, користете калап од 20 цм и нема да ви биде потребна ацетатна фолија, бидејќи филот ќе биде точно колку кората.
Потребни состојки за кората:
- 65 г путер
- 120 г брашно тип 405
- 20 г dmBio какао
- 40 г шеќер од шеќерна трска
- 50 г брашно од бадем
- 1 јајце
Подготовка на кората
Исечкајте го ладниот путер на коцки и ставете го во сецко/блендер со брашното, какаото, шеќерот и бадемовото брашно. Префрлете во сад за мешање, додадете го јајцето и направете тесто со раце. Тестото развлечете го во калап премачкан со путер. Оставете го калапот со тестото во ладилник, добро да се излади.
Потребни состојки за марципан филот:
- 100 г dmBio марципан штанглици
- 2 јајца
- 1 лажичка екстракт од ванила
- 1 лажица густин
- 70 г dmBio шеќер од шеќерна трска
- 300 г крем сирење
Подготовка на марципан филот
Ставете ги марципан штанглиците исечкани на коцки во блендер и изблендирајте ги со густинот, шеќерот и ванилата. Додадете на крај крем сирење, па изматете убаво во блендер – или овој чекор може да го направите со рачен миксер. Ставете ја смесата со марципан врз кората и сè заедно печете во загреана рерна на 170 степени, 40 минути. Изладете на крај убаво.
Потребни состојки за чоколадо-лешник ладниот фил:
- 200 мл слатка павлака
- 150 г крем сирење
- 50 г dmBio црно чоколадо
- 200 г dmBio крем од лешник
Подготовка на чоколадо-лешник филот
Изматете 100 мл слатка павлака, па спојте ја со крем сирењето. Загрејте ги преостанатите 100 мл од слатката павлака и прелијте преку крупно исечканото црно чоколадо. Кога ќе се растопи чоколадото, малку изматете го со миксер и додадете го кремот од лешник (најдобро е да биде на собна температура). Потоа спојте го овој крем, со кремот со крем сирење. Овој фил прелијте го врз испечената основа за тортата. Ставете ја во ладилник целосно да се излади и стегне.
Потребни состојки за ганаш кремот:
- 90 г dmBio црно чоколадо
- 10 г путер
- 100 мл слатка павлака
Подготовка на ганаш филот
Загрејте ја слатката павлака со путерот, па ова прелијте го преку исечканото црно чоколадо. Матете додека чоколадото не се растопи. Прелијте преку изладената торта.
За украсување:
- околу 60 г сечкани ф`стаци
- неколку пралине со марципан (по желба)
Пред да ја ставите тортата во ладилник за ганаш кремот потполно да се излади, наросете со сечкани ф`стаци и по желба украсете со марципан пралине!