DIY идеја за Велигден: Велигденско гнездо во тегла
Оваа година пробајте нешто сосема ново: Празните тегли се идеални за полнење, на пример со слама, чоколадни зајачиња и велигденски јајца!
Вие сами ја одредувате големината на ,,велигденските гнезда’’ – дали сакате да изгледаат како мал подарок, како украс за на маса или малку поголеми како изненадување за децата – празните тегли лесно може да се претворат во слатки зајачиња во само неколку едноставни чекори.
Што ни е потребно:
- Празни тегли со капак
- Боја во спреј
- Цврста бела хартија или картон
- Хартија за ушите на зајакот
- Пиштол за силикон или обичен лепак
- Заштита за површината на која ќе боите, на пример картон или стар весник
За полнење и украсување:
- Слама
- Чоколатца, како на пример чоколадни зајачиња и јајца
- Украсна лента
- Ознаки ,,Среќен Велигден’’
Чекор 1: Исчистете ги теглите
Прво, теглите темелно исчистете ги со топла вода и сапун и отстранете ги налепниците од стаклото, и ако е потребно од капакот. Најефикасен начин за отстранување на тврдоглави остатоци од лепак од налепниците, е употреба на малку загреано масло за готвење кое ќе го нанесете на останатото лепило и ќе го оставите малку да делува.
Чекор 2: Испрскајте го капакот со боја
Сега рамномерно испрскајте боја по желба, на капакот, на добро заштитена површина. За бојата добро да покрие, ќе бидат потребни најмалку два до три тенки слоја. Оставете бојата темелно да се исуши меѓу прскањето на двата слоја.
Чекор 3: Наполнете ги теглите
Сега може да ги наполните теглите како сaкате. Прво, ставете слама и убаво израмнете ја, а потоа можете да ставите мали подароци и чоколатца, како чоколадни зајачиња или јајца.
Чекор 4: Исечете уши за зајачето
За слатките уши на зајачето може да испечатите на хартија или само да нацртате еден пар уши на цврста хартија. Направете ги во истата боја која ја користевте за да ги обоите капаците, а омбре бојата изгледа посебно убаво. Хартијата прво обојте ја темелно со боја и оставете ја добро да се исуши. Потоа испрскајте едноставен преод во друга боја, задржувајќи малку поголема дистанца од хартијата како би се направил нежен преод во другата боја.
Оставете ја хартијата добро да се исуши, а потоа пренесете го шаблонот од ушите на зајачето на хартијата и исечете ги.
За внатрешната површина на ушите, најдобро е да изберете друга боја (на пример, бела) и да ја залепите во увото, како што е прикажано на сликата.
Малку свиткајте ги ушите на долниот крај за да се направат мали продолжетоци. Нанесете на нив малку лепак и залепете ги на средината на капакот.
Чекор 5: Украсување
Теглите на крајот украсете ги со украсната лента, со порака по ваш избор!
Доколку сакате содржината во теглата да биде изненадување, теглата може цела да ја испрскате со боја. И тогаш може да ја употребите и како вазна за мали пролетни цветови.