Позитивна слика за телото и самодоверба кај жените

Сликата за телото и самодовербата се теми кои често се преклопуваат, особено во контекст на менталното здравје на жените. Социјалните и културните влијанија ги формираат нашите перцепции за убавина и самовреднување, што може да влијае на тоа како се гледаме себеси. Суштински е да личноста научи да негува позитивна слика за своето тело, и тоа не само за самодовербата, туку и за психолошката добросостојба.
Здрава слика за телото значи дека се чувствувате удобно во вашата кожа и генерално сте позитивни за начинот на кој изгледате. Негативната слика за телото, од друга страна, ве остава да чувствувате срам, вознемиреност и преголема свесност и критичност кон своето тело.
Не може да се адресира самодовербата, без да се зборува за сликата за телото. Двете се тесно поврзани. Начинот на кој го перципираме нашето физичко „Јас“, влијае на нашата општа верба и задоволство од себе. Жените посебно се соочуваат со одредени притисоци од општеството да ги задоволат одредените естетски критериуми кои често се неостварливи, а понекогаш дури и нездрави. Социјалните мрежи играат значајна улога кога зборуваме на оваа тема. За жал, споредувањето со светски модели, и фотошопирани навидум совршени тела на социјалните медиуми, можат да го поттикнат женското незадоволство. Истото, особено е изразено кај помладите жени и адолесцентите.
Жените со позитивна слика за телото имаат поголема веројатност да имаат добро физичко и ментално здравје. Позитивната слика за телото и високата самодоверба, може да влијаат позитивно на однесувањето и севкупниот квалитет на живот, како и на комуникациските вештини и расположение, што може да се одличен фактор за заштита на менталното здравје.
Негативната слика за телото не резултира само со слаба самодоверба. Многу студии покажале дека жените со големо незадоволството од своето тело и негативните мисли, имаат поголема веројатност да развијат депресија и растројства во исхраната, како и општа анксиозност со социјално повлекување. Треба да се спомене и телесното дисморфично растројство коешто може да се појави во одредени случаи, а е поврзано со негативна телесна слика и прекумерно фокусирање на недостатоците во личниот изглед до степен до кој доминира во мислите, предизвикувајќи сериозен срам, анксиозност и социјално повлекување.
Што може да помогне, доколку сте жена која се соочува со негативна телесна слика и ниска самодоверба?
Внимавајте на вашиот внатрешен говор! Понекогаш првиот чекор кон подобра слика за телото, е да бидеме свесни како зборуваме со себеси. Избегнувајте негативен говор и осуда за вашето тело и телата на другите. Наместо тоа, фокусирајте се на она што го цените во вашето тело и што може да направи вашето тело, наместо на тоа како изгледа. Прославете ги позитивните квалитети, вештини и интереси што ги имате како личност, наместо да се фокусирате исклучиво на квалитетите поврзани со изгледот.
Престанете да се споредувате себеси со превисоки, навидум совршени идеали и слики на социјалните медиуми. Важно е да не се споредуваме со другите, да имаме критичност при размислувањето и во перцепцијата, и да имаме предвид дека не секогаш тоа што го гледаме на слика, во реалноста изгледа така. Никој не е совршен, иако навидум изгледа така. Споредувајте се само со себе, и со претходните ваши верзии, поставувајќи лични предизвици според тоа кои сте вие.
Носете облека во која се чувствувате убаво и која одговара на вашата телесна конституција. Притоа, не заборавајте дека сме сите различни и уникатни. Прифатете го вашето тело во целост, со сите свои делови, односно и тие кои најмногу ви се допаѓаат, и тие кои не толку многу.
Бидете физички активни, спортот и вежбањето се важна форма на себе-грижа и израз на љубов према себе! Физичката активност го чува психо-физичкото здравје, на начин што ја покачува самодовербата и расположението, го одржува имунитетот и еластицитетот на вашето тело, и нѐ штити од вишокот на килограми. Заедно со здравата и разновидна исхрана, ова се основните работи кои секој од нас треба да ги практицира во секојдневието од најрана возраст.
Побарајте стручна помош! Психотерапијата е ефективен третман за психолошките состојби поврзани со негативната телесна слика и ниската самодоверба. Во терапискиот процес фокусот би се ставил на анализа на личносната психодинамика во позадината, идентификување на негативните модели на мислење и нивна замена со поздрави перспективи, како и градење на самодовербата со поддршка на снагите на личноста, правејќи здрави промени за себе.
Правете свесни и позитивни животни промени, кои ќе ве направат позадоволни од себе. Грижете се за вашето тело, и подеднакво за вашата душа и ум. Не заборавајте, дека не станува збор само за тоа како изгледаме, туку и за тоа како се чувствуваме и зрачиме одвнатре. Менталното здравје е значаен дел и влијае на целокупното здравје, а тоа започнува со љубовта и прифаќањето на себеси.
